Папата Франциск, врховниот свештеник на Римокатоличката црква, пристигна во еднодневна посета на Република Северна Македонија.

На аеродромот во Скопје, Светиот Отец, Папата Франциск го пречекаа Претседателот на Република Северна Македонија Ѓорге Иванов и Претседателот на Владата Зоран Заев, и други високи претставници на Владата и на градот Скопје. Церемонијата вклучи и високи државнички почести и традиционален пречек на кој учествуваа и граѓани од нашата земја и регионот.

Папата Франциск и неговата придружба во која се државниот секретар на Ватикан кардиналот Пјетро Паролин, кардиналите Леонардо Сандри и Курт Кох, задолжени за односи со источните цркви и за христијанско единство, како и десеттина надбискупи и други високи достојници на Римокатоличката црква и Ватикан, и бројната придружба на делегацијата, од аеродромот Скопје се упатија кон резиденцијата на Претседателот на државата. Папата Франциск се сретна со претседателот Иванов и премиерот Заев, во придружба на нивните семејства и и’ се ибрати на  македонската јавност.

Република Северна Македонија е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде се среќаваат голем број културни струи, и претставува олицетворение на карактеристиките на регионот. Преку елегантните сведоштва на Византиското и Отоманското минато, возвишени ѕидини и величествени иконостаси во древните цркви, кои говорат за христијанското присуство што датира од апостолски времиња, Северна Македонија ја одразува длабочината и богатството на својата илјадагодишна култура. – истакна папата Франциск во обраќањето пред државниот врв и дипломатскиот кор во Вила „Водно“.

На свечената церемонија во вилата „Водно“ се обрати претседателот на државата Ѓорѓе Иванов. Тој истакна дека Папата Франциск е пример кој треба да се следи.

Во изминативе неколку години светот со зачуденост и неверување гледа како Вие симболички го повторувате истиот тој чин. Вие се наведнувате да им ги измиете нозете на болните и сиромашните, на затворениците и бегалците, на гладните и жедните, на отфрлените и маргинализираните, независно дали се христијани, муслимани, Евреи, хиндуси, будисти, атеисти… Верувам дека Вашите дела не се само уште еден истрошен симбол. Напротив. Вие нè потсетувате дека иако нашата човечка љубов кон Бога и кон луѓето е променлива, божјата љубов и верност кон нас луѓето е трајна. Со тоа, Вие го симболизирате патот на љубовта и милоста, понизноста и служењето. Пат што треба да го следиме и ние тука, во Република Македонија, независно од нашата вера или идеологија. Само така ќе можеме да им оставиме подобра иднина на младите и на сè уште неродените. – рече Иванов.

Папата претпладнево ја посети спомен куќата на Мајка Тереза каде што ќе се сретне со група граѓани од ранливите категории и со претставници на верските заедници во нашата земја, по што ја започна мисата на плоштадот „Македонија“. Светата литургија ја следат десеттина илјади граѓани, припадници на Римокатоличката црква, како и други граѓани и највисоките претставници на државата и на општествено-политичките институции.

Во попладневните часови Папата Франциск ќе присуствува на Екуменска и меѓурелигиска средба со младите граѓани од земјата кои претходно се пријавија да бидат дел од оваа средба. Посетата на  Папата Франциск на нашата земја ќе се заокружи со средба со свештениците, нивните семејства и богопосветените во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, по што тој ќе си замине од земјата.

Поради посетата на Папата, денеска во Скопје на сила е посебен режим на сообраќај, а голем број институции не работат.

OhridNews
фото: влада.мк