Бискупиите од регионот заеднички работат  Поглаварот на римокатоличката црква да ги посети земјите од опкружувањето. Ова беше истакнато на прес конференцијата по повод Меѓународната бискупска конференција „Св. Кирил и Методиј“, што вчера заврши во Охрид.


На прашање на новинарите за тоа дали и кога Папата би можел да го посети регионот, бискупот Киро Стојанов рече дека постои волја кај католичките верници, но и кај сите граѓани на Македонија тоа да се случи. Како добар тајминг за посетата Стојанoв ја посочи 2013 година кога се одбележува 1700 годишнината од указот за верски слободи на царот Константин, кој е роден во Ниш. Стојанов појасни дека на овој проект заеднички работат бискупиите во регионот и дека постои желба кај сите нив таа посета конечно да се случи. Сепак бискупите беа децидни дека во моментов ситуацијата не е созреана за посета на регионот, особено во Србија.


На меѓународната конференција на која учествуваа повеќе бискупи и надбискупи од регионот била разгледана досегашната работа на конференцијата. Учесниците на пленарната седница оствариле средба со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Звонко Муцунски и неговиот заменик Антон Серечи со кои било разговарано за  Законот за црквите, верските заедници и религиозни групи во Македонија и за веронауката во училиштата.

Учесниците вчера биле  примени од министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. На средбата станало збор  за актуелни прашања поврзани со ситуацијата во регионот, односите на македонската Влада со Светата столица и со Католичката црква во Македонија. На средбата се разговарало  и за  македонската интеграција во евроатлантските струткури, како и за екуменизмот во регионот.

Идната седница на Меѓународната бискупска конференција ќе се оджи кон крајот на март во Белград.

Ohridnews