Според грчкиот премиер, доколку досега постоела временска рамка, спорот со името ќе бил надминат. „Ако имавме временска рамка за решавање на проблемот околу името, тој проблем ќе беше решен вчера, или веројатно пред многу години“, изјави Папандреу за Дојче Веле.
Папандреу уште еднаш го реафирмираше ставот дека, според Атина, решението на проблемот би требало да биде име со географска одредница за севкупна употреба. Повикувајќи се на информирани медиумски извори во ОН, „Дојче Веле“ пишува дека Папандреу е под голем домашен притисок во врска со проблемот со името – да не попушта и да не се обидува да прави компромис на штета на Атина.
Состанокот на Папандреу со Ки-Мун доаѓа по неговата минатонеделна средба со македонскиот премиер Никола Груевски во Брисел, петта во рок од девет месеци, на која, според информациите, не е констатирано приближување на позициите на Скопје и Атина.
Извор: Макфакс