Фискалната стратегија на општина Охрид како стратешки документ означува правец на движење на развојните и финансиските политики во престојната година со проекција и за наредниот краткорочен период.  Охрид како општина која заради несоодветната долговна политика својата фискална стратегија и буџет мора да ја креира врз основа на својата неуспешност  за влез во втората фаза на децентрализацијата  и по тие резултати и проценки да ја креира приходната и расходната страна на буџетот на Општината и самите развојни програми.  
                                      
Информациите дека врз основа на оваа стратегија општина Охрид ќе го има најголемиот супер оптимистички буџет за 2011 година, се сфера на манипулација тотално непотребна во оваа фаза затоа што треба да се спомене дека од планираните 977  милиони денари ,сепак  360 милиони денари се проектираат во Буџетот само врз основа на реална или нереална надеж дека општина Охрид ќе може кредитно да се задолжи со нов кредит со кој би се  репрограмирал долгот и би се олеснеило спроведувањето на буџетот и програмите . Затоа , воопшто не може да се земе зголемувањето на цифрата на хартија како  некаква важна промена во  стратешкиот  пристап или пак како зголемување на ставките  и  некаков посериозан однос на локалната власт кон приоритетите на општината .Имено ако зборуваме реално новиот буџет за 2011 година на Општина Охрид е во својот најголем дел всушност пресликување на буџетот од 2010 година што само по себе е знак за тотална неинвентивност , безидејност и некапиталност на размислувањата на локалната власт за развојот на Охрид.                                                                                                           

Впрочем , Буџетот за 2011 година почива на некои позначајни промени под влијание пред се на политичките потреби на локалниот естаблишмент  .Прво, имаме посериозно зголемување  буџетот на Општина Охрид за локалната администрација за , внимавајте ,околу 64 милиони денари од 94 милиони на 158 милиони денари ,од кој платите и надоместоците се зголемуваат од 60 милиони на 72 милиони денари , што во ионака пренатрупаната и нерентабилна општинска администрација значи само задоволување на политичката потреба за партиски мотивирани вработувања. Вториот момент е намалувањето на средствата за секторот ЛЕР што пак покажува опомена кон секторот кој наместо да биде носител на економскиот развој на општината е најкритикуваната алка во ионака веќе начнатиот систем на општината . Таму од 10 милиони денари во 2010 година, во 2011 се оди на 4 милиони во кој се скратуваат капиталните трошоци а уште 3,5 милиони денари се скратуваат во програамата за развој на туризмот. Многу индикативно за општина чија најважна економска гранка е туризмот .

Третиот момент е зголемување на ставката за изградба на  јавно осветлување што за разлика од првите два моменти е позитивно нешто но.  оди на сметка на намалување на сличната сума од 8 милиони денари за одржување на истото. Како добар момент може да се оцени ставката за изградба на системи за водоснабдување подигната за 15 милиони денари , но тука се поставува прашањето на реалното планирање имајќи ги предвид реализациите за оваа година.  Во културата се намалуваат 8 милиони денари веројатно затоа што и ова е еден од најслабите сектори во општината кој нема идеја за капитални инвестиции во оваа сфера па макар биле и споменици како влог во наследството и иднината .  Во сите други програми забележливо е генерално повторување на планирани активности од 2010 година пред се како резултат на нискиот процентот на нивна годинашна реализација . Тоа е доказот дека и ако сакате неполитички да гледате ќе видите дека Охрид има тотално неактивна локална власт која нереализацијата на програмите ја покрива со  манипулативни маневри на наводно работење.    Затоа сето ова заедно го дава реалниот буџет на општината Охрид за 2011 година од 617 милиони денари што е дури и помал за 66,5 милиони денари (тука не се влезени дотациите од државата)  од оној за 2010 година кој беше проектиран на 683,5 милиони денари. За потсетување , во времиња на општински буџет со само 2 милиони евра годишно се правеле  капитални дела како чаршијата , плоштадот , булеварот туристичка , спортската сала , кејот  , а со неколку буџети по ред од 8 милиони евра годишно немаме никаков капитален објект . Веројатно не се работи само до средствата туку пред се до (не)способноста да се менаџира општина како Охрид.                                                             

Што се однесува до новото кредитно задолжувањето од 360 милиони денари тоа секако е меч со две острици . Како сериозна опозиција во Советот на општината ,советничката група на ВМРО ДПМНЕ гласаше ЗА , за  да започнат активности по однос на реализацијата на вакво задолжување. Но , имајќи го предвид фактот на ниската доверба и на државниот и на комерцијалниот сектор кон работењето на Општина Охрид , тоа ја засилува и недовербата дека општината суштински ќе знае да ги изманеврира  овие средства а останува и сенката за неадекватна искористеност на истите и евентуална политичка злоупотреба , што ќе биде секако огромен дополнителен товар за идните генерации на жители во Охрид . Заради сето ова , потребна е внимателна а не манипулативна реакција во секоја од фазите при носењето на Буџетот на општина Охрид како и целата  стратегија . За тотално отсуство на нови идеи во друга прилика. Напоменувам , податоците се врз база на Нацрт фискалната стратегија за 2011 година.

Дејан Пановски – советник во Советот на општина Охрид

*Анализата изнесена во рубриката „Писма“ е став на авторот и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината.