Европското првенство во фудбал, кое ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули ќе привлече големо внимание во Македонија, затоа што за прв пат дел од континенталниот собир ќе биде и нашата репрезентација. Предвесник на фудбалските возбудувања е „Панини“ албумот, кој е синоним за големите натпреварувања. Од денеска, охриѓани, можат да го купат албумот и да почнат со собирање на сличиња, кои се злато вредни спомени. Ексклузивни права за „Панини“ албумот има дуќанот Сигнал (Кај Талат), кој се наоѓа во Трговскиот центар „Амам“ на приземје.

Албумот на Панини за ЕП содржи 654 нумерирани слики со фудбалери од 24 репрезентации, специјални слики со амблеми, групна слика и слики во акција, како и дополнителни 14 брендирани слики на крајот. Албумот доаѓа со шест сликички и чини 80 денари, а едно пакетче со пет сликички е 40 денари. За идеално пополнување на албумот ќе ви бидат потребни 5.344 денари што е збир од 668 сликички по осум денари, тоа подразбира да имате среќа да успеете да ги замените сите дупликати, што е малку веројатно.

Македонската фудбалска репрезентацијата, во албумот е претставена на две страници со 20 сликички за играчи и логото на Фудбалската федерација на Македонија. Дополнително, има и дел каде фудбалерите се претставени „во акција“ заедно со фудбалерите од Украина.

Приказната за Панини почнува во 1961 година од браќата Бенито и Џусепе Панини, а првиот албум со сликички од фудбалери е од Светското првенство во Мексико 1970 година, кој содржи 288 сликички. Пополнувањето на албумот потоа станува традиција за фудбалските фанови од целиот свет, како загревање пред Европските и Светски првенства. Со годините, бројот на сликички се зголемува, а со тоа и трошокот на колекционерите.

OhridNews