Местото на Македонија е во ЕУ, сметаат членовите на интернационалната Паневропска унија, кои од меѓународната конференција што се одржува во Охрид упатија силна подршка на напорите на Македонија да стане рамноправен член на европското емејство.
Почесниот претседател на интернационалната Паневропска унија-ПЕУ, Ото фон Хабсбург, истакна дека од Македонија потекнуваат корените на христијанството во Европа која треба да се заложи Република Македонија да стане дел од ЕУ.
Актуелниот претседател на ПЕУ, Алан Тереноар, рече дека Македонија не треба да стравува од францускиот референдум за проширување на унијата. “Македонија нема да има проблем со француските граѓани бидејќи кај нив не постои дилема дека таа е дел од Европа“, рече Тереноар.
Шефот на делегацијата на Европскиот Парламент, Дорис Пак, од Охрид уште еднаш упати апел до опозицијата да се врати во Парламентот. Таа рече дека добро е што Владата и опозицијата се договориле околу прашањата кои треба да се разрешат со “Бадентер“, но додаде дека неприфатливо е Влада да се избира со Бадентерово правило.
Паневропската унија на Македонија денеска соопшти дека ќе формира лоби група составена од истакнати членови на интернационалната ПЕУ, која ќе работи на промоција на Македонија во нивните средини и пошироко.. За таа цел на меѓународната конференција во Охрид, што завршува во недела, ќе биде усвоен Манифест кој ги содржи европските вредности на Македонија и актуелните активности во правецот на евроинтеграциите.
Г. Момироски