Европското движење во Македонија (ЕММК), на 10 декември, во Охрид, организира панел дискусија чија цел е приближување на претпристапните преговори за членство во Европската унија кон граѓаните.

-Имајќи предвид дека Македонија е во финална фаза од подготовките за отпочнување на претпристапните преговори би сакале да ги споделиме резултатите од нашите досегашни истражувања со граѓаните на Општина Охрид и Југозападниот плански регион. Со оглед на сознанието за посебната улога на туризмот и културното наследство во овој регион дискусијата ќе биде насочена во правец на идентификување на развојните фактори и на овој значаен сегмент од Поглавјето 26 на претпристапние преговори. – велат организаторите.

Посебна цел дискусијата, како што е најавено, е афирмацијата на европските инцијативи за потесна соработка на локалните власти, граѓанските здруженија и другите релевантни чинители во развојните процеси.

-Очекуваме јавна и отворена дебата која ќе даде значаен придонес во поставувањето на виталните прашања во преземање на нови инцијативи за приближување кон Европската унија, истакнуваат организаторите.

Панел дискусијата е дел од активностите на проектот „Граѓанските организации во служба на демократијата“  финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество и медиуми, а е спроведуван од: Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА) – Скопје, Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија (ЗФР) и Европското движење (ЕД).

OhridNews