Според селекторот Јонуз, претстојниот натпревар со Катар е одлична прилика да се провери формата на нашите репрезентативци пред следниот циклус квалификации.
– Треба да ги увериме нашите репрезентативци да веруваат во своите квалитети бидејќи само така можеме да одиме напред, рече Јонуз, нагласувајќи дека на претстојниот натпревар ќе им даде шанса на помладите играчи да ги покажат своите знаења.
Доколку селекторот на Катар се согласи на претстојниот натпревар шанса ќе добијат сите играчи, додаде Јонуз и изрази очекување дека сите репрезентативци ќе го дадат максимумот без оглед што се работи за пријателски натпревар.
-Секој кој нема мотив не треба да биде тука. Катар иако е 80ти на ранг листата на ФИФА вложува многу во фудбалот во последните 20 години. Имаат четворица натурализирани бразилци и еден уругваец и негуваат игра која е микс помеќу ексјугословенската и бразилската школа, истакна Јонуз.
На средбата со новинарите присуствуваше и повратникот во репрезентацијата Роберт Попов, кој изрази оптимизам пред претстојниот натпревар со Катар од кој домашната публика очекува победа. Македонската фудбалска репрезентација во Охрид останува до сабота кога ќе отпатува во Скопје каде во недела во 14 часот ќе ги одмери силите со репрезентацијата на Катар, која во рамки на балканската турнеја утре се среќава со Хрватска.