Без разлика на исходот на дуелот меѓу европскиот првак Интер и азискиот шампион Сеонгам, Македонија ќе има свој преставник во финалето. Дали тоа ќе биде Горан Пандев или Саша Огненовски ќе биде познато по нивната полуфинална пресметка.


Огненовски во одлично светло се покажа во првиот меч кога во првиот дел со глава ја затресе мрежата на домаќинот Ал Вахда за предност од 2-1 во моментот. Сеонгам ќе се обиде да биде првиот азиски тим кој ќе се избори за место во финалето од ова натпреварување.

Притискот ќе биде на плеките на нероаѕурите кои по заминувањето на Мурињо, никако да ја пронајдат посакуваната форма и препознатливата игра. Бенитез знае дека евентуалниот неуспех на кој никој во тимот од Милано не помислува, би значело крај на престојот во градот на модата.

Напаѓачите на Интер, Горан Пандев и Самуел Ето се убедени дека нивниот тим ќе ја достигне топ формата на претстојното Светско првенство за клубови во Абу Даби.

“Од кога ја освоивме Лигата на Шампионите размислуваме за овој датум. Постои притисок, бидејќи е одлично да играш во вакво натпреварување. Сега знаеме како да ги средиме работите. Се оди по планот. Тренираме и добро сме организирани. Убедени сме дека ако бидеме комплетни можеме да достигнеме највисоко ниво.” – изјавил Камерунецот Самуел Ето, а на тоа се надоврзал Пандев.

“Едвај чекаме да истрчаме на терен. Екипата работи во идеални услови и на најдобар можен начин” – кратко изјавил македонскиот репрезентативец.