Не би сакал да ни се паднат Барселона и Манчестер јунајтед, а најзадоволен би бил ако играме против ЦСКА Москва, е желбата на македонскиот репрезентативец и напаѓач на италијанскиот првак Интер, Горан Пандев, пред денешната ждрепка за паровите од четврт-финалето во Лигата на шампионите вели Пандев во изјава за “Дневник“.


Пандев  е единствениот македонски претставник што е дел од фудбалската елита, а напладне во Нион ќе дознае кој е неговиот следен предизвик. За место меѓу најдобрите екипи во Европа, Пандев со Интер го елиминира англискиот претставник Челси.

– Посакувам да ја добиеме ЦСКА Москва, а ждрепката би била поволна и доколку противник на Интер биде и една од двете француски екипи, Бордо или Олимпик Лион. Најнепосакувани противници ми се минатогодишните финалисти Барселона и Манчестер јунајтед. Сепак, ова е фаза во која нема лесни противници и без разлика кој ќе биде противникот, ќе треба да одиграме одлично ако сакаме да поминеме понатаму. Мислам дека имаме сила да играме и во финалето во Мадрид, но потребна ќе ни биде и среќа во денешната ждрепка – изјави Пандев за „Дневник“.

Ohridnews