Капитенот и најдобриот фудбалер на Македонија, Горан Пандев помина низ правен лавиринт дури доби зелено светло од италијанските власти да допатува во Скопје. Настапот на Пандев беше доведен под знак прашалник, откако Џенова каде настапува македонскиот репрезентативец беше ново жариште на коронавирусот. Калчолигашот пријави 15 лица заразени со ковид -19, а среќа, помеѓу нив беше Пандев.
Сакам најпрво да им се заблагодарам на сите кои помогнаа за моето доаѓање во Скопје. Најзаслужни се селекторот, генералниот секретар на ФФМ, па и директорот во Џенова. Знаеме колку беше тешко. Желбата на сите во ФФМ и македонската амбасада во Италија на крајот исто така пресуди и нивната борба да дојдам да играм. Има и луѓе кои воопшто не ни прашаа каква е ситуацијата. Како е Горан? Дали има потреба да се помогне, да пуштеа барем една порака. Но, добро зафатени се со градење терени, па го оставаме сега тоа. – изјави капитенот, пренесува „Екипа.мк“.
Пандев заедно со останатите репрезентативци на Македонија се подготвуваат за претстојниот полуфинален натпревар со Косово во плејофот од Лигата на Нации.
Знаеме што носи овој натпревар. Искусни сме и подготвени сме за тоа што не чека. Клупските и репрезентативните натпревари се сосема различни. Сите знаеме што значи да се носи репрезентативниот дрес. За мене ова е последна шанса да играм на големо натпреварување. Огромна е желбата да победиме и да подариме радост на нашиот народ, посебно низ овој лош период во светот. Јас, едноставно живеам за овој натпревар. Знам дека сите ние ќе го оставиме срцето на терен, па нека победи подобриот. – рече Пандев.
Натпреварот се игра в четврток во 20 часот и 45 минути на Националната арена „Тодор Проевски“.
OhridNews