Македонската фудбалска репрезентација утре вечер во 20 часот и 45 минути на Националната арена „Тодор Проевски“ ќе го пречека лидерот во групата Г, Полска во третата рунда од квалификациите за пласман на Европското првенство следната година. „Црвено жолтите“ во пресрет на дуелот со полјаците имаат победа и реми, додека противниците имаа максимален ефект после два натпревари.
Капитенот на Македонија, Горан Пандев изјави дека атмосферата е добра и оти фудбалерите се подготвени за супер предизвикот во Скопје.
- Атмосферата е одлична, се подготвуваме добро и знаеме дека ни следат два тешки натпревари. Сепак, концентрирани сме само на натпреварот против Полска. Овој натпревар треба да ни го покаже патот во квалификациите. Ако ги победиме можеме да се квалификуваме на Европско првенство. Но, знаете каков тим и какви поединци имаат Полјаците во своите редови. Со помош на публиката можеме да се радуваме. Оваа генерација е зрела, најдобра со која сум играл во репрезентацијата и овие натпревари се вистински да го покажеме квалитетот и нашиот нов победнички менталитет. – истакна Пандев.
Селекторот Игор Ангеловски ќе има можност да ги спроведе своите планови откако повредите го заобиколија составот и со најсилното оружје да и се спротистави на Полска.
- Ќе излеземе со цел да се бориме за позитивен резултат против еден квалитетен противник.Среќен сум што повредите нè одминаа. Дел од оние кои се враќаат од повредите направиja сè што можат да се вратат и да играат на овие натпревари. Тоа покажува какви личности имаме во тимот и тоа може само да ме радува. Ќе играме максимално офанзивно и одговорно и нема да менувам ништо од мојата филозофија. Ни доаѓа една квалитетна селекција, а тоа буди многу мотиви кај нас да се избориме за позитивен резултат и да покажеме колку вредиме. Левандовски е добар играч, но ние ќе играме против Полска. Само со тимска игра се справуваме со секој противник, па така ќе биде и утревечер. Воопшто не е важно против кој ривал играме, туку за што играме. Убеден сум дека тие кои ќе излезат на терен ќе го дадат последниот атом да се радуваме. – изјави селекторот.
За значењето на бодовите од овој меч говори фактот дека правдата ќе ја дели најдобриот арбитар од Италија, Џајнлука Роки. На македонската спортска јавност познат и е после арбитражата на Супер купот во Скопје во кој се сретнаа Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид.
OhridNews