Легендата на македонскиот фудбал Горан Пандев повторно изнесе остри критики на адреса на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), истакнувајќи оти на раководните места седат луѓе кои се грижат само за личните интереси.

Пандев, кој важи за критичар на актуелното раководство предводено од претседателот Муамед Сејдини, рече дека нема лични амбиции да застане на чело на ФФМ, туку „ќе продолжи да се бори на нивно место да дојдат вистински луѓе“.

Жал ми е да кажам, но сè се врати на старо. Во Фудбалската федерација на Македонија работат луѓе кои не ги интересира фудбалот. Отидовме на Европско првенство, а ништо не искористивме од маркетинг, спонзори … Кај нас се случува екипите да откажат учество во лигата една недела пред почеток на сезоната. Тоа навистина е срамота. Луѓе само ги гледаат личните интереси. Жал ми е и се надевам дека нема повторно да чекаме 30 години да се пласираме на некое натпреварување, но мислам дека сме на лош пат со овие луѓе. Не е проблем А репрезентацијата, колку што се проблем младите селекции во кои играат деца кои не заслужуваат, изјави Пандев во интервју за „Моцарт“.

Тој вели дека нема амбиција да биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија.

Немам амбиција да бидам претседател на Федерацијата. Но сакам нашиот фудбал да се спаси од овие актуелни луѓе. Тоа се погрешни луѓе. Имам јас и свој клуб во Македонија, изградив и спортски центар, сакам да инвестирам сопствени средства и да им помагам на младите категории. Но кога работиш со вакви луѓе, мораш да се свртиш на страна. Има и други спортисти кои му мислат добро на фудбалот, но кај нас политика навлезе премногу, додаде Пандев, кој за македонската репрезентација одигра рекордни 122 натпревари и со 38 голови е најдобар стрелец во историјата.

OhridNews