Очите на фудбалските фанови на Апенините се вперени во Рим, каде во петок, дербито Рома-Наполи ќе ја отвори осмата првенствена рунда во Серија А.

На „Олимпико“ ќе играат лидерот Рома, единствената екипа со максимални седум победи и импресивна гол разлика 20:1 и второпласираниот Наполи, кој во последните седум кола забележа шест победи и едно реми.

Рома, од стартот на сезоната, предводена од новиот тренер Руди Гарсија и капитенот Франческо Тоти, кој ја живее втората фудбалска младост, едноставно ги меле противниците. Најдобро тоа во минатото коло го почувствуваа фудбалерите на Интер.

Добра игри од почетокот на сезоната прикажуваат и фудбалерите на Наполи, кои киксираа само еднаш, на домашен терен против Сасусло, а единствениот лош натпревар го одиграа против Арсенал во Лигата на шампиони.

Во пресрет на натпреварот, римската полиција ги засили контролите на влезовите во градот, како и во самиот град, бидејќи од Неапол најавиле дека 8.000 нивни навивачи ќе дојдат во Рим.

Серија А, 8.коло:

Петок, 18.октомври: Рома-Наполи

Сабота, 19.октомври: Каљари-Катанија, Милан-Удинезе

Недела, 20.октомври: Аталанта-Лацио, Фиорентина-Јувентус, Џенова-Киево, Верона-Парма, Ливорно-Сампдорија, Сасуоло-Болоња, Торино-Интер.

 

„Макфакс“