Викендов на Апенинскиот полуостров ќе започне новата сезона во Серија А, екипата на Наполи, чиј дрес го носи македонскиот репрезентативец Горан Пандев, во првото коло на домашен терен ќе ја пречека Болоња.
Во пресрет на сезоната Пандев, во интервју за радиото Kiss Kiss, рекол дека по одличните игри во минатото првенство, целта на Наполи во новата сезона ќе биде освојување на шампионската титула.
„Подготвени сме за стартот на сезоната. Сакаме да стартуваме добро, добро работевме во изминатиот месец и се надеваме дека ќе победиме. Минатата сезона игравме одлично, но оваа година наша цел е освојување на Скудетото. Сакаме нашите навивачи да бидат среќни, бидејќи тие го заслужуваат тоа“, рекол Пандев.
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација проговорил и за соработката со Гонзало Игуаин, тој во тимот го замени Единсон Кавани кој замина во Пари Сен Жермен.
„Гонзало е многу талентиран играч, сите ние ќе му помагаме за тој да постигнува погодоци. Но не е важно кој ќе постигне гол, важно е екипата да победува. Сите играчи во тимот се важни“, рекол Пандев, кој дополнил дека подготвен го очекува стартот на сезоната.
Напаѓачот на Наполи, кој со Интер има титула во Лигата на шампиони, рекол и дека очекува тимот да постигне добар резултат во елитното натпреварување, во што многу ќе помогнат и засилувањата кои имаат големо искуство во ова натпреварување.
„Макфакс“