Екипата на Џенова каде настапува македонскиот фудбалер Горан Пандев успеа во мисијата да обезбеди опстанок во Серија А. Џенова до посакуваната цел стигна во последната 38 рунда од италијанскиот шампионат.

Составот на Џенова предводен од Пандев на теренот со 3-0 ја совлада Верона не оставајќи ништо на случајност или очекување на помош од другите екипи. Во прилог на Џенова отиде поразот на конкурентот Лече на домашен терен од Парма 3-4.

Пандев беше еден од клучните фудбалери во триумфот над Верона. Капитенот на македонските „црвено жолти“ ја движеше екипата на теренот, а и запиша асистенција зад неговото име. Џенова дилемите околу победникот ги реши во првиот дел кога постигна три погодоци.

Од Серија А отпаднаа Лече, Бреша и Спал. Старо-нов првак е Јувентус, додека во Лигата на Шампиони заедно со „старата дама“ ќе играат Аталанта, Лацио и Интер. Серија А во Лигата на Европа ќе ја преставуваат Рома, Милан и Наполи, кој триумфираше во Купот на Италија.

OhridNews