Капитенот Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски беа главните алки во креирањето на успешна фудбалска приказна наречена македонска репрезентација, која успеа за прв пат да се пласира на Европско првенство. Токму учеството на ЕП беше последна репрезентативна мисија на Пандев, кој пак, во манир на голем спортист не заборави кој е главниот виновник за негово враќање во селекцијата и нејзиниот успех.

„20.10.2015“ кога се сретнавме прв пат во твоите очи видов енергија, сигурност и голема желба за враќање на репрезентацијата во живот… Ги паметам зборовите кога ми кажа дека од репрезентацијата ќе направиш една голема фамилија и целта е Македонија да се пласира на ЕП. Сите овие години не беше лесно, имаше многу препрели, но ти гордо ја чуваше нашата фамилија… ШЕФЕ, благодарам е малку да кажам. Го сплоти македонскиот народ, направи да се сакаме како браќа во репрезентацијата и да гинеме еден за друг… Затоа сакам да ти кажам, вечно ќе останеш во моето срце. – напиша капитенот.

Ангеловски, исто така заминува од репрезентацијата. Тој палката во А селекцијата ја презеде во 2015 година и за шест години успеа да ја консолидира, екипира и дигне репрезентацијата во европскиот фудбалски крем. Дефитивно, Пандев и Ангеловски ќе и недостигаат на Македонија.

 

OhridNews