Македонската фудбалска репрезентација сеуште неможе да се опорави од дебаклот во Јагодина против Србија, а доживеа нов шок можеби најголем последните десетина година откако капитенот Горан Пандев најавија повлекување од „црвено жолтиот“ дрес.
– Не можам повеќе да молчам и да гледам како тонеме. Ова што се случува со репрезентацијата е една голема срамота. Како капитен имам обврска да ја преземам комплетната одговорност за очајниот пласман во квалификациите кои се зад нас. Нема да барам никакво алиби. Јас, Горан Пандев, сум главниот виновник поради тоа што репрезентацијата не оди на СП во Бразил и е последна во групата. Како резултат на сето ова се повлекувам од понатамошните настапи во дресот со државниот грб – рече Пандев за „Македонски Спорт“.
Според Пандев, тој е главниот виновник што Македонија не заврши на подобра позиција и што не обезбеди пласман на Светското првенство.
– Слободно за сите проблеми, не само во репрезентацијата туку и во комплетниот фудбал во Македонија, може да ме обвините мене и само мене. Може да ме пцуете, навредувате, критикувате – додаде Пандев.
Како и сите репрезентативци деновиве и најдобриот стрелец во македонската селекција смета дека дека во репрезентацијата владее тотален хаос што резултираше со последно место во групата.
– Ние се претворивме во менаџерска репрезентација. Секој си прави тоа што сака на штета на националниот тим и резултатите. Од една компактна селекција станавме премногу смешни. Не личиме на ништо и не ми е јасно како тоа секогаш играчите се виновните. Ете како играч јас преземам одговорност и се повлекувам, но тоа треба да го направат и другите лица од структурите на ФФМ – заврши струмичанецот.
Мх.П.