Претседателот на САД Доналд Трамп не ја исклучува можноста од прогласување карантин во сојузната држава Њујорк поради пандемијата од коронавирусот Ковид 19. Во изминатите 24 часа во оваа сојузна држава се регистрираниз 728 смртни случаи. Во САД, бројот на заразени надмина 120.000, од кои половината се во Њујорк.

Во Италија изминува уште еден тежок ден во кој починаа 889 луѓе, со што бројот на жртви од Ковид 19 се искачи на 10.023.

Албанија во знак на солидарност денеска испрати тим од 30 лекари во Италија, кои ќе бидат вклучени во борбата со коронавирусот во најтешко погодената област Ломбардија.

Тежок ден и во Шпанија. Изминатото деноноќие во земјата починале 832 лица, а бројот на заразени се зголемил за нови 5700 случаи. За да го запрат ширењето на пандемијата, шпанските власти воведоа забрана за сите стопански активности во земјата. Отворени ќе останат само здравствените установи, полицијата, пожарникарските служби, медиумите, продавниците за храна, банките и бензинските пумпи.

CNN денеска објави видео материјал од Фејсбук на кој се гледа како луѓе лежат во ходниците во болница во Шпанија, додека здравствените работници се жалат дека немаат никаква заштитна опрема во борбата со коронавирусот.

Светската здравствена организација соопшти дека пандемијата се шири и во Африка, каде бројот на заразени изнесува 2650, а регистрирани се 49 смртни случаи.

Во регионот, во соседна Србија до сега се регистрирани 10 смртни случаи, во БиХ 6, а во Хрватска 5. Во Македонија денска беше регистриран четвртиот смртен случај од коронавирусот Ковид 19. Во струшко почина 66-годишна жена која се заразила во контакт со доктор од Дебар кој бил инфициран од опасниот вирус.

Според податоците на Ворлдметар, бројот на заразени од коронавирусот Ковид 19 во светот денеска надмина 650.000, од нив 30.438 лица починале, а 142.419 се излекувале.

Г.М.