Давајќи нови напори за прогрес и активност во своето работење библиотеките иако физички затворени, дигитално и виртуелно ги поврзуваа своите корисници до своите сервис услуги. Како доаѓаат промените така и библиотеките ги прифаќаат и се адаптираат кон новите услови за да бидат поадекватни и подостапни до своите корисници, вели во својот труд „Промени, визии во библиотечното работење“ Мариче Боздоганова, советник библиотекар во НУ-Библиотека „Григор Прличев“, Охрид. Во трудот даден е осврт на новите услови кои ги наметна Ковид-19, пандемија која го зафати на глобално ниво човештвото.

Денес, на глобално ниво појавата на пандемијата „Ковид-19“ во библиотечното работење го актуелизира поголемото дигитално движење во сервис услугите на поголем број од библиотеките. Физички библиотеките беа затворени, но дигитално достапни и отворени за корисниците и на далечина. Така се повеќе библиотеки дел од своите активности, сервис услуги ги дава преку различни видови мобилни апликации. Овој модел на работа овозможува на брз, ефикасен и нов начин да се задоволат различни потреби на многубројни корисници. За да се имплементира било која мобилна апликација потребно е да земат во предвид неколку клучни прашања. Пред сѐ колку библиотеката е спремна да вложи во ваков проект за давање услуги, потоа кој вид апликација е поприкладен за корисниците. Кога ќе се направи една паралела на традиционалната услуга со мобилната можат да се видат повеќе предности. Библиотекарите можат да опслужат повеќе барања, а на корисниците им се заштедува време да не одат до библиотеките. Можат во било кое време да пребаруваат и да доаѓаат до поголем број на информации, вели во трудот Боздоганова. 

Елена Станкоска, библиотекар во Н.У. Библиотека  “Григор Прличев” – Охрид  се задржува на искуствата од „Почетоците и впечатоците од воведувањето на КОБИСС во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид“.  

Денес, во услови на масовно користење на интернетот како средство и алатка за општење и работа меѓу луѓето, се јавува потреба од дигитализација и во библиотеките. Корисниците на услуги во библиотеките имаат најразлична потреба од услугите на библиотеките, па така преку автоматизираното КОБИСС работење, истите во секое време имаат можност да видат со што располага една библиотека, да пребаруваат публикации, имаат евиденција за прочитаните книги, рокот за враќање на позајмените книги, можност за резервација и сл. Со тоа библиотеките од подзаборавени стануваат повторно актуелни центри на просветата, науката, знаењето, читањето, учењето, што се пак столбовите кои служат како цврст темел при изградбата и оформувањето на човекот, отсекогаш па и сега, вели во трудот Станкоска.

Од досегашните искуства и од погоре кажаното, може да се констатира дека автоматизираното КОБИСС зајмување во Националната Установа Библиотека “Григор Прличев” – Охрид функционира добро, со секојдневно зачленување на нови читатели, секојдневно зајмување публикации во одделот за деца и возрасни, продолжување на рокот за враќање на позајмениот материјал и слично и покрај здравствената криза со ковид-19, се наведува во трудот.

Двата труда се објавени во списанието „Библиотекарство”, кое излезе од печат деновиве информираат од НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

Н.С.Ј.