Испаѓањето на Вардар во Втората лига и понатаму е тема на спортската јавност на просторите на поранешна Југославија. Дарко Панчев, во интервју за „Моцарт спорт“, открива што се случувало во клубот, во периодот кога тој бил спортски директор.

Кога се пласиравме во Лигата на Европа им кажав на луѓто во клубот дека немаме тим кој може да биде конкурентен. Добивме пет милиони евра од УЕФА, со тие пари можевме да го проектираме буџетот за наредните три сезони. За условите во македонскиот фудбал тоа се големи пари. Јас не ја препознав желбата кај нив дека сакаат да работат на засилување на тимот. И бев во право. Реал Сосиедад ни даде шест, Зенит пет гола. Само со Розенборг одигравме нерешено на домашен терен, – рекол Панчев.

Навистина сакав да направам сериозен тим. Сега кога се помина, ќе ви откријам дека имав договорен напаѓач од Втората турска лига. Во тој момент тој беше најдобриот стрелец во таа лига. Јас знам да препознам квалитетен напаѓач. Сакаше да дојде и да игра за нешто малку повеќе од 200.000 евра. Блиску беше и еден Израелец. меѓутоа челниците сето тоа го одбија. Тие само го искористија моето име. Моето и името на Илија Најдоски. Немаа желба да направат добар тим. После на навивачите им ја сервираа приказната дека јас сум виновен, дека треба да си заминам. Кога го видов тоа, веднаш си поднесов оставка, – дополни Панчев.

Европскиот и светски првак со Црвена Ѕвезда, вели дека клуб со традиција каков што е Вардар мора да ја има поддршката и од државата.

Дурга песна ќе се пееше да имавме овде претседател каков што е Александар Вучиќ во Србија. Претседателот на Србија го сака спортот, но уште поважно е дека тој знае дека спортските успеси се најевтин и најдобар вид на промоција на една држава, – изјавил Панчев.

Вардар до сега никогаш не играл во Втора лига, иако, пред десеттина години отпадна, но се фузираше со Миравци и остана во елитата.

OhridNews