Планетарна истрага започна во понеделникот по протекувањето на 11,5 милиони документи кои наводно откриваат дека светските богаташи, државници, светската фудбалска организација, 140 истакнати политичари…, криеле пари во даночни оази преку адвокатската компанија која објавувањето на документите ги нарече „злосторство“ и „напад врз Панама“, пренесува „Макфакс“.
Истрагата во којашто учествуваа новинарски конзорциум од 100 влијателни светски дневни весници се однесува на периодот од речиси 40 години, од 1977 година до декември 2015 година, и според нив покажува дека некои компании регистрирани во ткн даночни оази „се користени за перење на сомнителни пари, трговија со оружје и дроги, како и за затајување даноци“.
Документите потекнуваат од адвокатската компанија „Mossack Fonseca“, за која агенцијата DPА вели дека е една од најзатворените офшор адвокатски компании во светот која со децении неказнето им помагала на клиентите да „перат“ пари и да ги избегнуваат даноците. Од компанијата одговориле дека таа никогаш не била обвинета за кривични прекршоци во перењето пари.
Документите наречени „Panama Papers“ ги набавил весникот Sueddeutsche Zeitung од Минхен. Тој ги споделил со Меѓународниот конзорциум на истражувачките новинари (ICIJ) од Вашингтон и со други медиуми, вклучително и со британски BBC и The Guardian.
Документите од Панама содржат 2,6 терабити податоци, 11,5 милиони документи и 214.000 фиктивни компании. Станува збор за едно од најголемите протекувања на податоци со кое новинарите се сретнале, пишува весникот. Во написот на Sueddeutsche Zeitung, се наведува и дека наводно вработен од компанијата, кому не го открива идентитетот, го ризикувал животот со објавувањето на податоците.
Околу 370 новирани од 78 земји се вклучени во евалуацијата на документите. Засега сите пишувања околу овие документи се водат под назнаката наводно, па така се наведува дека документите водат до најмалку 12 сегашни и поранешни шефови на држави и 128 други политичари вмешани во недозволени финансиски трансакции.
Австралија и Нов Зеланд ги започнаа истрагите
Даночните власти на Австралија и на Нов Зеланд ги започнаа истрагите во понеделникот и ги истражуваат локалните клиенти кои работеле со адвокатската компанија „Mossack Fonseca“ во Панама, откако во неделата германскиот весник ги објави документите.
Австралиската даночна управа (Australian Tax Office, ATO) објавија во понеделникот дека истражуваат повеќе од 800 богати клиенти на адвокатската канцеларија „Mossack Fonseca“. „Досега идентификувавме повеќе од 800 поединци даночни обврзници и 120 од нив ги поврзавме со офшор компанија во Хонгконг“, објави австралиската даночна управа.
Истрагата ја започнаа и даночните власти на Нов Зеланд, потврди за агенцијата Reuters Џон Неш од новозеландската агенција за меѓународни без да го наведе бројот на поединците и познати личности или компании кои во тоа учествувале.
Путин прв на удар
Агенцијата AFP пренесува дека со даночната оаза преку панамската компанија се користеле многу светски лидери, според документите коишто откриваат дека 140 светски политички функционери истакнати личности биле вмешани. Меѓу другите, се наведуваат долгогодишниот соборен египетски автократски претседател Хосни Мубарак, либискиот Моамер ел-Гадафи, и актуелниот сириски претседател Башар ал-Асад, кого Западот како руски сојузник има намера да го елиминира од политичката сцена по петгодишната крвава војна.
Меѓу нив се и лица блиски до рускиот претседател Владимир Путин и кои според документите „испрале“ 2 милијарди долари. Иако Путин никаде директно не се споменува, од Кремљ соопштија дека внимателно ги следат објавите и оти претходно предупредија дека ќе следат вакви „напади“, имајќи предвид дека во Русија требаа наскоро да се одржат парламентарните избори на кои доминира путиновата Единствена Русија, пренесува агенцијата ТАСС.
„Соработниците на Путин лажирале плаќања, антидатирале документи и тајно се стекнале влијание врз руските медиуми и руската автомобилска индустрија“, пишува на својата мрежна страница Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ) со седиште во Вашингтон.
Во тој контекст се наведува и дека „најголемото протекување информации“ „фрла светлина врз финансиските трансакции кои придонеле за богатството на членовите од внатрешниот круг“ на рускиот претседател Владимир Путин.
Така BBC објави податоци за кои вели дека открива индиции за наводно перење пари во кое влегуваат и најблиските соработници на рускиот челник и на Руската банка, финансиска институција која е под санкции на САД и ЕУ откако црноморскиот полуостров Крим преку референдум си ја поврати автономијата и се приклучи на Рускаа Федерација, што Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија.
Украинскиот челник Порошенко користел услуги на панамската канцеларија
Украинскиот претседател Петро Порошенко досега не ги предал активите во негова сопственост на кондиторската корпорација „Roshen“ во трустот, туку создал за нив преструктуирање во оф-шор компанија, пишува во понеделникот Центарот за истражување корупции и организиран криминал (OCCRP), повикувајќи се на истечените информации од споменатата панамска адвокатска канцеларија.
Според овие податоци, во август 2014 година, канцеларијата „Mossack Fonseca“ доставила до одделот за регистрација на Британските Девствени Острови барање за регистрација за компанијата „Prime Asset Partners Ltd“. „Единствен сопственик станал Порошенко, давајќи ја својата киевска адреса. Прилогот кон документите, фотокопија од пасошот, потврдува дека вистинскиот сопственик имено е претседателот на Украина“.
Притоа се наведува дека трансакциите Порошенко ги остварувал преку украински и кипарски структури на корпорацијата „ Roshen“, при што е изградена мрежа од компании вклучително и онаа во Холандија во декември 2014 година, кога тој е веќе на претседателската должност.
Таткото на Камерон, исландскиот премиер…
Меѓу документите откриени во неделата од засега неидентификуван службеник во канцеларијата во Панама, кои насочуваат кон финансиски малверзации, се појавува и името на сега починатиот татко на британскиот премиер Дејвид Камерон, како и функционери блиски до поранешниот венецуелски претседател Уго Чавез, кој умре во 2013 година.
„Никогаш не го сокривав својот имот“, тврди за AFP исландскиот премиер Сигмур Двид Гуналугсон, кој е осомничен дека сокрил милиони долари на Британските Девствени Острови.
Според овие материјали во аферата се вклучени и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кралот на Мароко Мохамед Шести, саудискиот крал Салман, децата на пакистанскиот премиер Наваз Шариф…
Кинескиот државен врв
Ссветските медиуми ги наведуваат и членовите на семејството на кинескиот претседател Кси Џинпинг, како и други високи личности од кинескиот државен врв, меѓу нив и Денкс Џаингуи, сопруг на постарата сестра на кинескиот претседател, како и Ли Ксаолин, ќерка на поранешниот кинески премиер Ли Пенг, кои наводно, исто така, „ги тргале“ парите во даночниот оази преку панамската адвокатска канцеларија, пишува AFP.
Во 2009 година, кога неговиот баџанак бил член на моќниот постојан комитет на Политбирото на Кинеската комунистичка партија, но не и шеф на државата, Денг станал еден од акционерите на две „параван“ компании на Британските Девствени Острови, открива ICIJ.
Во јуни 2012 година, агенцијата Bloomberg откри дека Денг Циајнгу и неговата сопруга поседуваат повеќе стотици милиони долари во недвижнини и хартии од вредност. Се потсетува и на масовните судења на кинеските функционери за корупција во последно време, како и дека Кси Џинпинг кон крајот на 2012-та, кога стапи на претседателската должност, истакнува дека целта му е да ја искорени корупцијата.
Документите на ICIJ откриваат дека наводно и ќерката на поранешниот кинески премиер Ли Пенг во времето кога бил на функцијата користела услуги на фондација во Лихтенштајн која била поврзана со компанија регистрирана на Девствените острови.
ФИФА и фудбалските ѕвезди
Фудбалскиот свет, веќе потресен од повеќемесечниот скандал со челниците на ФИФА, исто така, бил вмешан во работењето со панамската даночна оаза, според толкувањето на документите. Четворица од 16 челници на светската фудбалска асоцијација користеле оф-шор компании кој ги основала адвокатската канцеларија „Mossack Fonseca“.
И Мишел Платини, наводно, ги користел услугите на оваа панамска адвокатска канцеларија, а документите откривале и дваесетина имиња на фудбалски ѕвезди, меѓу кои и играчи на Барселона, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, а се наведува и името на еден од најдобрите фудбалери во историјата Аргентинецот Лионел Меси.
Mossack Fonseca – Ова не напад врз Панама
„Ова е злосторство. Тоа е напад врз Панама, бидејќи на неколку земји им пречи тоа што сме конкурентни за да ги привлечеме компаниите“, изјави за објавувањето на документите за AFP, 64-годишниот Рамон Фонсека Мора, директор и еден од двајцата основачи на адвокатската канцеларија „Mossack Fonseca“.
Според него, „има два начина на гледање на светот: едниот е да бидеш конкурентен, а вториот е да создаваш даноци“. Притоа појаснува „дека постои војна меѓу земјите кои се отворени како Панама и земјите кои сé повеќе ги оданочуваат своите компании и граѓани“.
Рамон Фонсека вели дека неговата канцеларија оформила повеќе до 240.000 компании, а „големо мнозинство од нив се основани со легитимни цели“. Истакнува дека неговата адвокатска канцеларија не е договорна за активностите на тие компании.
„Посветени сме на создавањето на легални структури кои им продаваат на своите посредници како што се банки, адвокати, трустови, а тие имаат свои крајни клиенти кои ние не ги познаваме“, одговара Фонсека.
„Документите покажуваат дека банките, адвокатските канцеларии и други актери кои работат во даночните оази, често забораваат на својата законска обврска да мораат да проверат дали нивните клиенти се вмешани во криминални претпријатија“, пишува ICIЈ.
Владата на Панама во неделата објави дека „решително ќе соработува“ со правосудството, доколку биде отворена судска истрага.
„Ова протекување веројатно ќе биде најголемиот удар нанесен на даночните оази, поради обемот на документите“, вели за BBC Џерард Рили, директор на ICIJ. „Ова откритие покажува во која мера штетните практиките и криминалот се длабоко вкоренети во оф-шор компаниите“, смета Габриел Зукман, економист на универзитетот Беркли во Калифорнија.
OhridNews
извор: „Макфакс“