Ионака оптоварениот и кревок колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, кој е во фаза на ревитализација, е доведен во сериозна опасност целосно да откаже поради несовенсиот однос на граѓаните и туристите и несоодветното одлагање на отпад во канализационата мрежа.

Екипите на ЈП „Колекторски систем“ од 6 часот утрово се на терен за да ги отстранат влажните марамчиња, памперси и хигиенски влошки кои ги запушуваат потопните пумпи поставени на препумпните станици од цевководот. – изјави за OhridNews директорот на јавното претпријатие Владимир Алексијоски.

Доколку продолжи ваквиот некултурен и несоодветен однос кон јавното добро, може да дојде до сериозни проблеми со несогледливи последици врз еко системот на Охридското Езеро, а со тоа и врз туризмот, предупреува Алексијоски.

ЈП „Колекторски систем“ апелира и упатува молба до граѓаните и туристите во град Охрид и туристичките населби за соодветно одлагање на отпадот, бидејќи секундарната канализација не е место за одлагање на овој вид отпад. Заштитата на животната средина и нашиот бисер, Охридското Езеро, е наш заеднички интерес. – истакна Алексијоски.

Г.М.