Камерата на секој паметен телефон ќе може да дијагностицира присуство на коронавирус, соопштија група научници од калифорниските универзитети во Беркли и Сан Франциско, нагласувајќи дека уредот за тестер развиен од нив е компатибилен со сите масовно произведени апарати.

Развивме тестер кој во суштина е едноставен и ја елиминира потребата од сложена и скапа опрема. Нашиот пронајдок ќе им овозможи на здравствените работници брзо да извршат анализа со земање редовен примерок со брис од назофаринксот, сликање на истиот и доставување до чувствителниот сензор на тестерот, истакна Даниел Флечер, главен автор и биоинженер на калифорнискиот Универзитет Беркли.

Флечер, во соработка со вирусологот Мелани От, од Институтот Гладстоун при Универзитетот во Сан Франциско, и добитничката на Нобеловата награда, д-р Џенифер Дудна, развија сличен метод за брзо дијагностицирање на ХИВ во речиси домашни услови пред околу две години. Почетокот на пандемијата на коронавирусот ги поттикна научниците да развијат нов апарат, способен за откривање нови вируси со помош на оптички инструменти, вклучително и SARS-CoV-2.

Тестот, за кој не треба да помине повеќе од половина час, се базира на таканаречената технологија CRISPR-Cas, со која РНК (рибонуклеинската киселина) се открива директно поради нејзиното врзување со ензимот Cas13, заобиколувајќи ја сложената технологија за откривање со PCR, што моментално се користи во повеќето лаборатории во светот.

Анализата не само што ќе го утврди присуството на Ковид-19, туку исто така ќе го одреди и неговото количество.

Како научници, за нас е многу важно да имаме претстава за количеството на вирусот во телото на субјектот, додава От.

Тестерот претставува проѕирно куќиште во кое се наоѓа флуоресцентен детектор осветлен со ласер. Врз него се поставува паметниот телефон и започнува процесот на пребарување на вирусот. Истражувачите планираат да ја прилагодат техниката на пошироко откривање не само на Ковид-19, туку и на други вируси.

Поедноставувањето на техниките за тестирање ќе овозможи поставување детектори во аптеките, клиниките и болничките чекални, вели От, додавајќи дека „најновиот уред не е дел од самиот телефон, туку ја користи само неговата камера, што го прави тестирањето полесно и поевтино“.

OhridNews