Честа да позира гола на последните разголени страници на Плејбој пред познатото списание за мажи да престане да објавува еротски фотографии, ја доби некогашната зајачица и популарна „чуварка на плажата“ Памела Андерсон. Како што пренесуваат агенциите, 48-годишната канадска актерка, која прв пат во списанието на Хју Хефнер се појави во 1990 година, се фотографира неодамна во провокативни пози за последното издание пред големиот редизајн.

 

Таа во интервјуто кое ќе биде објавено покрај нејзините фотографии вели дека не се смета за убава, но знае дека поседува силни сензуални вибрации. Додава дека луѓето повеќе реагираат на тоа отколку на надворешниот изглед, бидејќи духот никогаш не старее. Истакнува дека по малку е егзибиционист, сака да си игра и да се забавува. Плејбој во октомври најави дека ќе престане да објавува разголени фотографии, кои списанието основано во далечната 1953 година своевремено го направија популарно ширум светот. Хефнер и неговите соработници како главна причина за оваа одлука ја наведоа достапноста на порнографските содржини на интернет.