Прилично непријатна ситуација се створи денес околу пладне непосредно пред општинската зграда. Актери – полицијата и новинари. Колегата Зоран Стефаноски (во црвена маица) од тв НТВ снимил момент кога специјалното возило „пајак“ отстранува непрописно паркиран автомобил. Полицајците на служба веднаш го опкружија и му „делеа“ совети на поостар начин дека не смее да снима, на што овој им одговори дека тоа е негово уставно право. И почна натегањето, па објаснувања, закани за одземање на камерата…


Остри зборови

Во расправијата се вклучија и некои фунционери на една партија кои случајно или не, се најдоа на местото на настанот. Неколку минути подоцна и вашиот репортер беше вклучен во „игра“ затоа што не смеело тајно (?!?) да се фотографира. Легитимирања, објаснувања на повисок тон… класика. После неколку телефонски јавувања „одоздола“ и „одозгора“ ситуацијата омекна и „спротиставените“ страни пријателски (хмм…) се разделија.


Догледање со кисела насмевка

Објаснувањата од страна на полициските службеници дека за секоја наша, новинарска акција или работа е потребна посебна дозвола (посебно заради специјалниот безбедносен режим пред НАТО форумот) едноставно не држат. Случката со „пајакот“ беше на јавно место (улица), а форумот на НАТО ќе се одржи седум километри од тука и затоа нервозата беше потполно непотребна.

С. Костоски