Големата понуда на станови и малиот интерес за купување се главните причини поради кои опаѓа цената на станбениот квадрат во Охрид. Само пред неколку години во нашиот најголем туристички центар тешко можеше да се најде стан за цена под 800 евра за метар квадратен, но сега станови во охридските станбени комплекси се продаваат и по цени пониски од 600 евра за метар квадратен.  

Од понудата за продажба која може да се погледне на интернет во моментов во населбата „Расадник“ се нуди стан од 75 метри квадратни за 44.000 евра, исто така се нудат станови центарот на градот кај пазарот по цена од 790 евра за метар кавадратен. Становите на булевар „Туристичка“ се движат по просечна цена од 600 евра за метар квадратен, а за 650 евра метар квадратен се продаваат станови на улицата „Богомилска“ и во населбата „Христо Узунов“. Станови за цени пониски од 600 евра се нудат кај „Болничкиот комплекс“ и во „Билјанини извори“.

Од Агенциите за продажба на недвижности велат дека најголемо намалување на цените има кај становите кои се лоцирани во периферните делови на градот, додека пак становите во централното подрачје се уште се продаваат по цени од над 1.000 евра за метар кавадратен.

-Цената на станбениот квадратот на становите се формира во зависност од локацијата на зградата, од староста и квалитетот на градбата и секако од опременоста на станот. Имаме шаренолика понуда во Охрид и секако цената не може да биде иста за нов и за стар стан кај кој треба да се вложат и големи средства за реновирање. Како и секогаш потешко се продаваат становите со поголема кавадратура и кај нив може да се постигне пониска цена за кавадратен метар. Намалувањето на цените не влијае значително врз интересот за купување на станови, велат дел од посредниците за продажба на недвижности со кои поразговаравме на оваа тема.

Тие објаснуваат дека раздвижување на побарувачката има само за дел од апартманите кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро, за кои во последните неколку години интерес пројавуваат странски државјани или македонски иселеници во странство.

Дека опаѓа цената на становите потврдуваат и поединци кои имаат намера да ги дадат на продажба своите станови.

Имаме стан од 40 квадрати во една од населбите која е блиску до центарот на градот. Станот го купивме во 2011 година по цена од 850 евра за метар квадратен, во меѓувреме направивме реновирање и вложивме околу 6.000 евра, но сега од агенциите за недвижности ни рекоа дека највисока цена која може да се постигне е од 750 до 800 евра. Значи доколку го продадеме станот нема да може да ги вратиме парите кои сме ги вложиле, вели охриѓанец, кој живее во Скопје.

Цените на становите кои се на понуда во Охрид во месец март годинава ги намали и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, кое понуди станови со почетна цена од 599 евра за метар кавадратен.

Инаку според податоците кои ги објави Државниот завод за статистика во рамки на Публикацијата „Градежништвото во Република Македонија 2010-2014“, лани во Охрид биле изградени 353 станови со вкупна корисна површина од 23.103 метри квадратни.

Е.М