Со визната либерализација се очекува да се изретчат домашни гости во Охрид. Според “МК-Фондови“, отворањето на границите ќе значи поголема фрекфенција и забрзано движење во туризмот, туристите ќе почнат да патуваат кон странство поради прифатливите цени и пакет аранжманите кои што се нудат, наспроти Охрид кој држи константни цени.

Од година во година се намалуваат домашните туристи во Охрид, а доказ за тоа е и последната статистика која покажува намален број на домашни, а зголемен број на странски туристи.

Со ваквите ставови не се согласуваат во Стопанската комора за туризам од каде сметаат дека укинувањето на визитe за граѓаните од регионот нема негативно да влијае врз туризмот во Македонија.

– Со укинување на визните бариери ќе се зголеми туристичкиот промет во светот. Домашните туристи и натаму ќе ги посетуваат туристичките места во земјата, а укинувањето на визите за македонските граѓани нема да влијае на доаѓањето на странските гости за кои не се битни визите, вели Панче Трајковски – хотелиер и потпретседател на туристичката комора.

Трајковски смета дека нема да отсуствуваат ниту туристите од соседните земји кои традиционално се најбројни во Македонија, но како што истакна, ќе мора и државата да преземе мерки за поголема промоција и стимулација на туризмот и конечно на оваа дејност да и се признае статус на извозник.

Туристичките работници очекуваат подобрување на состјбите во туризмот да има и со преземање на аеродромите од турски ТАВ, кој според најавите треба да отпочне со нивна модернизација следната пролет.

– Охридскиот аеродром е многу важен и веруваме доколку биде реновиран наредната година тоа ќе биде  многу значајно не само за Охрид туку и пошироко, затоа што се очекува да има доста чартер летови од цел свет што ќе придонесе за  зголемување на бројот на туристи во целата држава, велат од стопанската комора за туризам.

Ohridnews