Режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад падна откако бунтовниците денеска навлегоа во главниот град Дамаск, изненадувајќи ги владините сили откако пред 10 дена започна нивното молскавично напредување. Рано утрово по локално време, командатата за воени операции на бунтовниците од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, или ХТС, објави дека претседателот повеќе не е во главниот град, пишувајќи: „Го прогласуваме градот Дамаск ослободен од тиранот Башар ал- Асад“, пренесуваат светските агенции.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека сирискиот претседател Башар ал Асад „одлучил да ја напушти претседателската функција и ја напуштил земјата, давајќи инструкции за мирно пренесување на власта“. Русија и Иран беа двата најважни странски поддржувачи на владата на Асад. Сè уште не е познато каде се наоѓа Асад.
Видеата на социјалните мрежи покажаа дека сириските сили ги напуштаат своите места. Имаше извештаи и за предавање на сириските воени трупи во други градови.
Сирискиот премиер Гази ал Џалали објави видео во кое вели дека владата е подготвена да „подаде рака“ на опозицијата и да ги предаде нејзините функции.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп, во објава за Truth Social рано утрово рече дека Асад „побегнал од својата земја“. Русија, додаде Трамп, „не беше заинтересирана повеќе да го штити“. Претседателот во доаѓање рече дека Москва и нејзините партнери во Иран се ослабени од настаните во Украина и неодамнешните воени успеси на Израел низ Блискиот Исток.
OhridNews
Фото: Freepik