Снег од попладнево паѓа во Охрид. Формирана е помала снежна покривка, а според најавите од Управата за хидрометеоролшки работи (УХМР) снег на пониските места ќе врне само денес.

На планините ќе се формира поголема, а во некои пониски места помала снежна покривка. Ќе дува засилен северен ветер, а температурите значително ќе опаднат, соопшти УХМР.

До 13 часот како што информираат од УХМР на Попова Шапка наврнале 15 сантиметри снег, 9 во Маврови Анови, 4 во Лазарополе и 3 во Дебар.

Од ЈП Охридски Комуналец-Охрид претходно истакнаа дека навремено ги извршиле неопходните подготовки за зимско одржување согласно Програмата за зимско одржување на територијата на Општина Охрид.

Располагаме со доволно количини на сол и ризла со кои ќе се интервенира по улиците во градот и околните населени места на територијата на Општина Охрид. Заради специфичноста на теренот во У.З.1 Стар Град на повеќе пунктови се депонирани вреќи со абразивни средства, за побрзо делување како на нашите служби, така и на самите граѓани од овој дел на градот. Располагаме со следната механизација за интервенција во зимски услови, потенцираа од претпријатието.

Утре наутро ќе биде студено, а уште од ноќта ќе дува повремено силен северен ветер (над 70 km/h) најизразен вдолж Повардарието и во источните делови. Претежно на североисток ќе има услови да провејува слаб снег. Во понеделник утрото ќе биде претежно ведро и многу студено, а ќе се задржи студено и преку денот до средината на следната седмица. Нови врнежи кои на пониските места ќе бидат од дожд се очекуваат во вторник и ќе завршуваат во среда.