Кај осумте поголеми ланци на маркети забележан е пад на вкупниот промет за 22,12% во четвртокот и петокот, информираат од Управата за јавни приходи. За разлика од минатата недела вториот бојкот според податоците е со помал одзив.

Во четврток, 06.02.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 232.791.773 денари, а издадени се 417.866 фискални сметки, додека во петок, 07.02.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 181.288.348 денари а издадени се 346.317 фискални сметки, велат од УЈП.

Посочуваат дека во петок, 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП беше регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари, додека во петок 07.02.2025 година остварен е за 36,95% поголем промет во однос на претходниот петок 31.01.2025 година.

При споредбата на регистрираниот промет на крајот на месецот односно деновите 31.01 и петок 07.02.2025 година треба да се имаат предвид различните фактори кои можат да влијаат на потрошувачките навики. Еден од тие фактори е тоа што голем дел од граѓаните примаат плата и пензии на почеток од месецот, што создава и промени во нивното потрошувачко однесување, потенцираат од УЈП.

Инаку, по примерот на Хрватска и останатите земји од регионот, минатиот петок во земјава се одржа првиот бојкот на маркетите кој резултатираше со речиси преполовен промет во големите трговски ланци.  Според податоците што ги објави  тогаш Управата за јавни приходи, вкупниот промет во осумте поголеми трговски ланци во земјава бил намален за 46,59 отсто во споредба со претходниот петок, а за 46,29 проценти во однос на четвртокот.

OhridNews