Пациентите со автоимуни и инфламаторни ревматски болести, како на глобално ниво, така и кај нас, доколку заболат од КОВИД -19 имаат повисок ризик да добијат потешки симптоми и да бидат хоспитализирани, споредено со општата популација. За полесно справување со ковид-19 важно е овие пациенти да имаат добра контрола на хроничната болест, но и да им биде достапна целокупната терапија која е потребна за нивно лекување, истакна д-р Љубинка Дамјановска Крстиќ од Клиниката за ревматолошки болести во неделната дебата која ја организира Лекарската комора, а која овој пат беше посветена на КОВИД-19 и автоимуните и инфламаторни ревматски болести.
Во дебата учествуваше и д-р Мимоза Николовска Котевска, претседател на Македонската ревматолошка асоцијација (МААР), која го презентираше „Упатство за доктори: Препораки за антиковид вакцинација на пациентите со автоимуни и инфламаторни ревматски болести“, кој е исклучително корисна алатка за лекарите, но и за пациентите.
Различни студии покажуваат дека пациентите со ревматоиден артритис имаат поголем ризик за инфекција со SARS-CoV-2, но и за хоспитализација во одделенијата за интензивна нега, поставување на механичка вентилација и смртност.
Пациентите со ревматоиден артритис имаат поголем ризик за инфекција во споредба со општата популација и тоа не само во однос на ковид-19, дури и пред појава на овој вирус тие имаа два до четирипати поголем ризик за хоспитализација при појава на инфекција. При многу мал скок на активноста на болеста од само 0,6 единици доведува до 25 процентно зголемување на ратата на инфекции за кои е потребна хоспитализација, што е навистина голем скок. Ризикот за сериозни инфекции прогресивно се зголемува во однос на активноста на болеста. Пациентите во ремисија имаат најмал ризик за сериозна инфекција и како одиме од ниска кон умерена и висока активност на болеста, така се зголемува и ризикот од сериозна форма на ковид -19. Оваа група пациенти треба редовно да доаѓаат на контроли, да се придржуваат до дадената терапија и редовно да комуницираат со својот матичен лекар, интернист и ревматолог за да не се дозволи да имаат повисока активност на болеста, изјави д-р Дамјановска-Крстиќ .
Дел од лековите кои ги примаат пациентите со ревматоиден артритис теоретски може да го зголемат ризикот за инфекција и потежок клинички тек кај ковид-19, но особено е важно пациентите да не одлучуваат самостојно да ја прекинат терапијата, туку задолжително да се консултираат со својот лекар како да тече третманот на хроничната болест во случај на ковид-19, истакнуваат од Лекарската комора.
Од Лекарската комора наведуваат дека за вакцинацијата пациентите со автоимуни и инфламаторни ревматски заболувања треба да имаат предност во однос на општата популација, а при носење на одлуката за вакцинација ревматологот треба да разговара со пациентите и детално да ги информира за придобивките и ризиците од антиковид вакцинацијата и заеднички да решат како да се постапи. За оваа група пациенти не постои некој дополнителен ризик од компликации поради примање на вакцината, освен оној за појава на алергии од компонентите на вакцината што важи и за општата популација.
-Одговорот на ковид-19 вакцината се очекува да биде помал кај пациентите со автоимуни и инфламаторни ревматолошки заболувања кои примаат системска и имуномодуларна терапија што зависи и од нејзиното времетраење и јачина. Ниту една вакцина нема предност во однос на другите, така што вакцинирањето треба да се направи со таа што е достапна. Упатството за антиковид вакцинација кое го подготви Македонската ревматолошка асоцијација содржи прецизни информации за тоа кога треба да се даде вакцината и дали е потребно да се направи модулирање на терапијата. Пациентите треба да се вакцинираат независно од тоа дали примаат или не имуномодуларна терапија, што поскоро, објаснува Мимоза Николовска Котевска, претседател на Македонската ревматолошка асоцијација (МААТ).
Лекарската комора го објави Упатството за антиковид вакцинација на автоимуни и инфламаторни ревматски болести на својата Интернет страница со цел, да го направи подостапно за лекарите и пациентите.
OhridNews