Пред четириесет години на „Грашница“, Фудбалскиот клуб Охрид против Борац од Бања Лука во 1/16 финалето од Купот на Југославија го одигра најзначајниот натпревар во својата историјата. Во трилер меч триумфот им припадна на гостите 4-3 иако охридските бели имаа предност од 3-1 со головите на Арнаудов, Спасески и Мојсоски.

Тогаш „рибарите“ настапиле во состав : Матоски, Мише, Мариноски, Тасески, Јосифоски, Костов , Арнаудов, Шиановски, Маслов, Спасески и Мојсоски, а после 40 години се присетуваат на натпреварот со Борац.

– Тоа беше меч за паматење и сеуште се сеќавам на секој детал од тој ден. Тие слики и спомени неможат никако да се тргнат од мојата глава. Игравме пред повеќе од десет илјади гледачи, а атмосферата беше доведена до лудило, што ли само пропуштивме на тој меч – се присеќава Насте Мише, сега претседател на организациониот одбор.

Капитен и предводник на охридските бели на легендардниот натпревар беше Војо Спасески, кој сеуште неможе да поверува во исходот од куп пресметката со Борац.

– Неможам да го погледнам местото каде погрешив, а потоа примивме гол со кој гостите го намалија водството на 3-2. Таа екипа имаше хемија како никоја друга во Охрид. Живеевме за фудбалот, со нетрпение го очекувавме секој натпревар – рече Спасески.

Фудбалските натпревари на Охрид биле празник во градот. Сите патишта воделе на „Грашница“ која била премала да ги собере сите љубители на фудбалот.

– Секој гледач си имаше свое место и секогаш седеше на тоа. Имаше луѓе кои ги оставаа своите работи, деца и други обврски за да дојдат на „Грашница“ и да го проследат натпреварот – додава Ристе Тасески „Цацан“.

Од организационот одбор искажуваат голема благодарност до градоначалникот Никола Бакрачески, секретарот на Општината Охрид, Димитар Спасески, златарата „Бона Сера“ и кафе барот „Летница“.

                                                                                                                                  Михаил Постоловски