Цените на основните прехранбени продукти во идните 20 години би можеле двојно да се зголемат, а главниот виновник за тоа се климатските промени коишто предизвикуваат екстремни временски прилики, како суши, поплави или урагани, предупреди хуманитарната организација Oxfam, пренесува„Макфакс“.

Во средата објавениот извештај на Oxfam се оценува дека климатските промени се „потценети“, и се предупредува  дека екстремните временски услови се сé почести појави, што е погубно за земјоделството коешто трпи големи загуби во приносите од културите.

Оваа невладина организација проценува дека цената на пченката во 2030 година може да биде повисока дури за 140 отсто, пореди се позачестените суши, како што е годинешнава што ги зафати САД, најголемата во последниот половина век. Во Африка, како што се додава во извештајот на Оxfam, како последица од сушите и поплавите цента на житарките во истиот период и можеле да се зголемат за 120 проценти.

Се нагласува, исто така, и8 дека тоа зголемување на цените најмногу ќе ги погоди сиромашните, па така и сега, појаснуваат од Oxfam, едно просечно француско домаќинство за храна троши 15 отсто од домашниот буџет, додека домаќинство од најсиромашните земји на храна троши меѓу 50 и 75 отсто од домашниот буџет.

Извештајот на Oxfam со наслов „Екстремно време, екстремни цени“, се базира на истражувањата на Институтот за развој при Универзитетот во Сасекс.

OhridNews
извор:„Макфакс“