Нашата држава и нашиот град кој е најголемиот туристички центар во изминативе речиси две години функционираат во едни исклучително тешки услови. Во време на пандемија да развиваш туризам е речиси невозможно. Но, со добра Стратегија и поддршка од Владата успеавме да се оддржиме на туристичкиот пазар. Во насока на поддршка на туристичкиот сектор и сите сегменти кои се поврзани со него, со цел да се помогне во надминување на штетите од Ковид кризата, ќе продолжиме со доделување на субвенции за станоиздавачите, туристичките водичи, езерскиот превоз, занаетчиите и останатите туристички чинители, вели носителот на советничката листа од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за Охрид“, Науме Јованоски-Чакар.
Воведуваме систем на планирање на културни и забавни активности во шпицот на летната сезона со цел да се обезбеди контролирано организирање на големи манифестации и концерти. Подготвуваме календар на настани со кој ќе се овозможи планирање на содржините и бројот на настани кои ќе може да се организираат во еден ден или викенд. Целта на оваа активност е намалување на метежот и нарушувањата на јавниот ред и мир, намалување на бучавоста и избегнување на слични проблеми со кои се соочуваат жителите, туристите и комуналните служби, вели Јованоски.
Додава дека продолжуваат да работат на мерки за подобрување на туристичката инфраструктура и да спроведуваат мерки за поголема промоција на Охрид на туристичкиот пазар.
Работиме согласно новата Стратегија за развој на туризмот и ги овозможуваме сите потребни предуслови за подабар развој на постоечката понуда, со поголема промоција на алтернативните форми на туризам. Работиме на полето на зголемување на редовните авиолинии кон охридскиот аеродром и ќе организираме промотори за странски тур оператори. Продолжуваме да поддржуваме и организираме културно забавни настани за збогатување на содржините надвор од туристичката сеозна, вели Јованоски.
Предвидуваме унифицирање и поголема контрола на јавниот такси превоз и езерскиот транспорт. Во соработка со превозниците, такси компаниите и сопствениците на пловни објекти кои вршат превоз на патници ќе работиме на подобрување на условите со цел да се подобрат услугите кои ги добиваат патниците. Нашето мото е туризам 365 дена и тоа не се само празни зборови. Имаме визија и план како да го реализираме тоа, додава носителот на советничката листа од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за Охрид“, Јованоски.
Н.С.Ј.