Советот во една општина е највисокото тело каде се донесуваат најважните одлуки за градот. Вистинските одлуки значат просперитет, а погрешните уназадување. Во минатото сведоци сме на изгласани точки кои биле од корист само на поединци, рече на денешната прес конференција, носителот на советничката листа од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за Охрид“, Науме Јованоски-Чакар.

Затоа сега да избереме совет кој ќе ги става интересите на градот над сите други интереси. Гласот за најдобриот градоначалник мора да оди заедно со гласот за најдобрата советничка листа. Не давајте глас за советници кои се подготвени да блокираат. Не им дозволувајте за пуста партиска превласт да го кочат развојот на градот.

Додава дека колку помалку советници добијат останатите советнички листи, толку повеќе ќе имаме совет растеретен од секакви притисоци.

Да не им дозволиме да блокираат изградба на градинки, школи, улици, стопирање на бесправната урбанизација, запирање на процесот за враќање на плажите на граѓаните. Гласајте за советници кои ќе бидат одговорни кон својот град, кои ќе иницираат, а нема да блокираат соработка со градоначалникот и со централната власт, додава Јованоски.

Н.С.Ј.