Охридскиот атлетичар Јован Стојоски се избори за учество на Европското првенство во сала за сениори и сениорки, кое на програмата е од 5 до 7 март во Полска, откако триумфираше на Атлетскиот митинг „Црвена Ѕвезда“, кој изминатиов викенд се одржа во Белград, соседна Србија.
Стојоски прв мина низ целта на 400 метри, триумфирајќи со време 47 секунди и 57 стотинки, поправувајќи личниот рекорд. Атлетичарот на АК Охрид освојувајќи 1069 бодови според ИААФ рејтингот ја исполни нормата и ќе биде дел од континенталниот собир во Полска.
Во следниов период, Стојоски, сигурно ќе го „нападне“ рекордот на Исмаил Мачев на 400 метри, стар 34 години. Стојоски на митингот во Белград заостана само осум стотинки.
Покрај Стојоски, со златен медал во Белград се закити и Дарио Ивановски. Најдобриот атлетичар во Македонија победи на 3 000 метри, со време од 8 минути, 5 секунди и 98 стотинки.
OhridNews