Рекордерот на Македонија во атлетика, на 200 и на 400 метри, несудениот олимпиец и член на Атлетскиот клуб Охрид, Јован Стојоски, карантинскиот период поради пандемијата на коронавирусот и суспензијата на сезоната ги минува во Белград (Србија) и, како што вели, се обидува да остане позитивен и да не дозволи целата ситуација да влијае врз него.

Секако, не е лесно да се биде во карантин, но како за сите, така и за мене. Битно е да се остане психолошки на високо ниво. Добро се справувам со неволјите, не дозволувам оваа несакана ситуација генерално многу да ги наруши моите планови и поставените цели. Тренирам редовно, но со послаб интензитет, бидејќи не е јасно кога и како ќе продолжи сезоната, па затоа со мојот тренер Марина Мишиќ уште не сме почнале да ја темпираме формата. Тоа ќе дојде подоцна. Задоволен сум од мојата вкупна подготвеност, со оглед на ситуацијата, и се надевам дека од наредниот месец ќе почнам со т.н „летни“ тренинзи. – вели Стојоски, во интервјуто за весникот „Нова Македонија“.

Стојоски беше и е еден од потенцијалните македонски атлетичари-олимпијци за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава, кои се одложени за 2021 година. Друго поголемо атлетско натпреварување што е одложено е Европското првенство (ЕП) во Париз, Франција.

Имав големи шанси за настап во Токио, во мој прилог беа добрите резултати во минатата година, формата ми беше во нагорна линија. Но одлуката е донесена, сега ќе имам уште една година за подготовки за Токио 2021. Се одложи и ЕП, штета, бидејќи сметам дека со европските конкуренти во моите дисциплини можам добро да се справам. – изјави Стојоски, кој додава дека е во постојан контакт со челните луѓе од Атлетската федерација на Македонија за евентуалните настапи доколку се рестартира сезоната.

Стојоски држи четири македонски рекорди, и тоа на 200 метри на отворено (21,32 секунда) и во сала (21,97 секунда), како и на 400 метри за сениори во сала (48,14) и за помлади сениори (46,92).

Тие времиња сигурно ќе се подобруваат во иднина. Но планирам во наредните сезони да пробам да го соборам и личниот рекорд на 100 метри, 10,72 секунди истрчан лани, со тоа да го подобрам и актуелниот македонски рекорд, кој изнесува 10,61 секунди. – заврши атлетичарот на Атлетскиот клуб Охрид.

OhridNews
„Нова Македонија“