Поддршката за охридскиот ракометен клуб во есенската полусезона не изостана ниту од првиот човек на градот, Јован Стојаноски. Тој на трибините секогаш беше помеѓу симпатизерите, а со ракометарите на теренот и во соблекувалните ја делеше радоста во победите и тагата во поразите.

  • Морам да признаам дека многу сум задоволен од ракометарите и нивниот ангажман во текот на сезоната и подготовките. Исто така, морам да ги пофалам охриѓани кои доаѓаа на секој натпревар без разлика за каков противник се работи и „Рибарите“ кои беа вистински осми играч на сите наши мечеви. Целата оваа приказна беше комплетна и затоа тврдам дека сите заедно беа најголем репрезент на градот во Македонија. – изјави Стојаноски.

Општината Охрид е најголем спонзор во РК Охрид, а со помош од останатите приватни компании го стабилизираа клубот, кој допрва треба да носи резултати во и надвор од нашата земја. Покрај ракометот, Општината предводена од Стојаноски го помага Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос кој догодина треба да ја збогати спортската понуда со второлигашки фудбал.

Стојаноски во завршниот говор во соблекувалната после мечот со Радовиш на ракометарите им посака среќни и бериќетни празници и добар турнир во Холандија.

OhridNews