НП Галичица
Од 23.08.2020 - 08:00 до 23.08.2020 - 15:00
Авантуристичкиот клуб „Mountain Madness“, во недела, 23 август, организира незаборавен викенд за уживање во убавините што ги пружа Галичица, што ќе кулминира со планинарска тура до врвот Магаро и забава на плажата „Бонанца“.
Искачувањето започнува со стартна точка на Липова Ливада на 1 600мнв. во 8 часот утрото. Патеката е во должина од 9км, а турата ќе трае 5 часа во двата правци.
Галичица е планина сместена помеѓу двете нај големи езера во Републиката, Охридското и Преспанското Езеро. Врвовите на Галичица нудат неверојатен поглед кон двете езера и околните планини. После завршувањето на планинарската акција забавата продолжува на плажата Бонанца. Не пропуштајте ја единствената можност во исти ден да бидете на врвот на планината и да се капете во Охридското Езеро. – порачуваат организаторите на планинската тура, која ќе ја предводат искусните планинари Мишко Танески и Жанко З’ш Голабоски.
На авантурата може да се придружи секој што се чувствува подготвен. Децата задолжително треба да бидат во придружба на родител.
За време на авантурата за сите учесници влезот во НП Галичица ке биде слободен. Испочитувани се сите здравствени протоколи кои се на сила и преземени се сите мерки за заштита на здравјето на учесниците. Секој учесник треба да поседува планинарска опрема, храна од ранец и 1,5 литар вода и сноси сопствена одговорност, посочочуваат организаторите.
Настанот е поддржан од општина Охрид.
Изминатите неколку месеци Авантуристичкиот клуб „Mountain Madness“ реализираше десеттина еко акции по планинарските патеки, излетничките места и видиковците на Галичица. Во акциите учествуваа екологисти од повеќе друштва од Охрид и Македонија. Исто така, се одржаа три велосипедски тури, и неколку планинарски активности. Финалето е оваа недела со искачување на врвот Магаро.
Овие активности ги организираме со цел да се претстави Охрид како идеална дестинација за авантуристички туризам и секако преку дружба во природа да влијаеме на подигање на еколошката свест, спортскиот дух, и активен начин на живот. – велат од Авантуристичкиот клуб „Mountain Madness“.
По завршување на туристичката сезона Авантуристичкиот клуб „Mountain Madness“ планира да реализира уште неколку еколошки акции.
OhridNews