Здравствените работници во Унгарија соопштиле дека Дедо Мразовците би требало да се вакцинираат против вирусот на новиот грип и да избегнуваат да се бакнуваат и да се ракуваат со децата.Во препораката властите не ги забрануваат традиционалните активности на Дедо Мраз, но предупредуваат на зголемен ризик од пренесување на заразата. Во Унгарија, Дедо Мраз традиционално ги посетува децата на 6-ти декември, а децата тоа утро крај прозорците ги пронаоѓаат подароците кои се тука оставени претходната ноќ.
“За Дедо Мразовците превенцијата е од исклучителна важност, бидејќи на почетокот од декември се среќаваат со многу деца, така што се соочени со зголемен ризик од инфекција“, се наведува во препораката.
Нив им се препорачува задолжително да се вакцинираат ако се постари, имаат вишок килограми или имаат хронична болест, бидејќи тоа значи дека спаѓаат во ризичната група. Унгарските власти минатата седмица соопштиле дека бројот на заболени од грип пораснал на 22 100, делумно и поради новиот вирус на грипот A- Х1Н1.