Основното училиште „Ванчо Николески“ од село Лескоец во текот на изминатиот викенд беше домаќин на третиот меѓународен натпревар по англиски јазик „HIPPO“, организиран од страна на Global Input & Global Hippo Association. 

На натпреварот учество зедоа околу 40-тина ученици од повеќе училишта од Охрид, од V – IV одделение и беа тестирани за три јазични вештини – читање, слушање и пишување. Резултатите од овој натпревар се очекуваат почетокот на месец април. Учениците кои ќе се пласираат во финале имаат можност да продолжат со натпреварувањето што ќе се одржи на 9-ти и 10-ти мај во Лидо ди Јесоло, Италија. Натпреварот го организираа и технички го подготвија наставничките по англиски јазик Елисабета Настоска, Татјана Паскали и Зора Бујароска, а на сите учесници им биле доделени и меѓународни сертификати за познавање на англиски јазик, информираат од училиштето.

Оттаму објаснуваат дека освен за Македонија, овој натпреварот е отворен за ученици од 10-19 години од Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Италија, Црна Гора, Србија и Словенија.

„Global HIPPO“ е доброволно и непрофитно здружение кое преку организирање на вакви натпревари ја подигнува јазичната свест и значењето на изучувањето на странските јазици.

OhridNews