Неонацистичките пораки и графити кои вчера осамнаа во дворот на основното училиште „Свети Климент Охридски“ се отстранети и местата на  кои беа испишани се обоени со бела боја. 

 Раководството на училиштето и родителите чии деца се ученици таму вчера интервенираа веднаш, со цел децата да не ги видат ваквите  пораки. 


Директорката на училиштето Славица Илиќ рече дека вакви графити не осамнуваат првпат на стаклата, ѕидовите и дворот на училиштето но оти првпат се случува тие да имаат заканувачка содржина. Полицијата работи на расветлување на овој немил настан и на откривање на сторителите.

Наставата во ова училиште од денеска се одвива во една смена и започнува во 8 часот наутро.

 „Создадени се оптимални услови за работа и за учење. Часовите и натаму ќе траат  40 минути, но и одморот  ќе трае по 40 минути  за да има време сите ученици  навремено да бидат послужени во училишната кујна“, изјави  педагогот во училиштето Лидија Размоска.

На свечената приредба што по овој повод беше организирана денеска, директорката Илиќ рече дека со едносменското работење, децата ќе бидат побезбедни зашто часовите нема да завршуваат навечер, ќе имаат повеќе слободно време да бидат со родителите, но ќе им останува време и за организирање на дополнителната настава. „На овој начин се приближуваме и поблиску до Европа“, додаде Илиќ.

Во основното училиште „Свети Климент Охридски“ основното образование во моментов го стекнуваат 350 ученици. Годинава се одбележуваат 110 години од неговото постоење.

А. Ристоска