Со свечена приредба што  се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“, синоќа ОУ „Христо Узунов“ го одбележа патрониот празник, со што воедно  започнаа и чествувањата по повод 103-годишнината од херојската смрт на Христо Узунов во кичевското село Цер.

– Горди сме на името што го носи нашето училиште и преку резулттатите што ги постигнуваме во наставно-образовниот процес настојуваме да се оддолжиме на великанот од илинденскиот период – истакна во своето обраќање,  директорката на училиштето Оливија Пирузева-Јанева.

Јанева  се осврна и на успесите на учениците постигнати во оваа учебна година. За првенец на генерацијата критериумите ги исполнуваа 44 ученици. Од нив приматот го стекнаа 12 осмоодделенци со најдобар континуиран успех во основното образование. Беа соопштени и добитниците на наградите на училишните конкурси за ликовни и литературни творби при што беше прочитана првонаградената песна на Игор Завојчески.

На Академијата со пригодна реч се обрати и градоначалникот Александар Петрески кој го најави и подигањето на споменикот на Христо Узунов на новиот плоштад кој наскоро ќе се отвори кај „Долна Порта“.

На свечената академија  присуствуваа и претседателот на Советот на општина Охрид, Владо Чингоски и други претставници на локалната самоуправа,  гости од Република Србија и голем број родители.Тие со воодушевување ја ја проследија  извонредната изведба на мјузиклот „Свирач на покривот“ кој го изведоа  педесеттина ученици-членови на училишниот Хор, драмската и музичката секција од ОУ „Христо Узунов“.

Чествувањето по повод 103-годишнината од смртта на Узунов продолжија денеска со поклонение пред бистата на херојот во Охрид и гробот на Христо Узунов во Цер.

ohridnews