Во преполната сала во Центарот за култура „Григор Прличев“ вчеравечер ООУ „Григор Прличев“ го одбележа патрониот празник.
Во присуство на бројни родители, претставници на училиштето, гости од образовната сфера во Охрид, претставници на локалната и заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, учениците под менторство на своите наставници се претставија со извонредни музички, литературни и драмски изведби.
Одбележувањето на патрониот празник е дел од традицијата на нашето училиште, а традициите се важен дел од нашето минато и нашата историја, затоа треба да ги негуваме и почитуваме рече во обраќањето пред присутните директорката на училиштето Лилјана Ефтимовска.
Прличев поседуваше остар и критички ум, силна меморија, широко знаење и извонредна дарба на говор. Важеше за човек со исклучително силен карактер, енергичен и праведен. Делото на Прличев не задолжи да го чуваме и негуваме неговиот аманет како наше најголемо богатство и постојано да работиме за подобра иднина на нашите деца. Нашето училиште кое со децении гордо го носи неговото име отсекогаш било и е препознатливо по отвореноста и посветеноста кон постигнување врвни резултати. Нуди еднакви можности за сите ученици, го препознава, наградува напредокот и високите достигнувања и создава високо квалитетен и претставителен модел на училиште, рече Ефтимовска.
Во рамки на празнувањата по повод одбележување на годишнината од смртта на Григор Прличев, вчера беше положен Лаворовиот венец на неговата биста во училиштето, по што следеше традиционалната Прличева визита.
Н.С.Ј.