Со билингвална работилница, вчера во ОУ „Братство Единство“ беше означен почетокот на имплементацијата на „Нансен моделот3 за интегрирано образование. На работилниците учествуваа групи ученици од македонски и турски наставен јазик, кои во текот на оваа учебна година ќе учат како да ги негуваат мултиетничките вредности и да ги почитуваат разликите.
-Во реализацијата на работилниците се вклучени наставничките Ивана Илиевска и Фахрие Реџеп, кои во изминатите две години се стекнаа со стипендии и посетуваа обуки во Нансен тренинг центарот за интегрирано образование. На отворениот повик објавен од Центарот, наставничките пројавија интерес за имплементација на моделот во нашето училиште, по што им беа дадени програми за работа. Во моментов од нашето училиште има уште две наставнички кои ја следат обуката, а уште еден тим наставнички започнува со работилници од следната недела. Се надеваме дека интересот ќе се зголемува од година во година, информираат од училиштето.
Инаку, „Нансен моделот“ за интегрирано образование е развиен и практично применет во 2007 година, од кога почнува да се применува во неколку основни и средни училишта во Македонија. Нансен дијалог центарот е добитник на престижната „Макс ван дер Штул награда“, која во 2011 година му беше доделена од страна на ОБСЕ- Високиот комесар за национални малцинства, за постигнување исклучителни резултати во промовирањето на интегрираното образование и подобрувањето на соработката меу различните етниочки заедници.
OhridNews