Во просториите на Центарот за вработување-Охрид изминатава работна недела се одржа осмата по ред обука за подготовка за работа и вработување поддржана од ЅЕС мрежата на УСАИД. На обуката се разработуваат осум модули: Вовед во програмата ; Вештини за барање работа; Комуникациски вештини; Соодветно однесување на работно место; Тимска работа и лидерство; Безбедност, права и обврски на работа ; Финансиски вештини и Практиканство.

Маја Ташева Биткоска, соработник за услуги за поддршка за вработување во Центарот за вработување –Охрид и задолжена за обуката е пријатно изненадена од одзивот и резултатите од досегашното искуство.

„ Оваа обука ја стартувавме во јуни 2014 и од вкупно 70мина учесници колку што ја проследија заклучно со ноември успеаа да се вработат 21 кандидат според моите сознанија од неформалната комуникација со учесниците. Јас лично уживав додека гледав како се развива самиот процес, идеите кои ги имаа, нивните потенцијали, соработката, како и отвореноста која ја покажаа.Сите групи досега беа различни на свој начин, но подеднакво се внесоа во процесот, исполнително ги завршуваа зададените задачи и успешно одговорија на моите барања. Им посакувам на сите да најдат работа во најскоро време и по можност по струката. “- рече Биткоска. 

Обуката во текот на петте денови беше збогатена со интеракција, многу практични примери и вежби, студии на случај поврзани со правата и обврските на работникот. Учесниците беа видно задоволни од сето теоретско и практично знаење со кое се здобија, како и свесноста за флуктуациите на пазарот на труд, потребата од постојана надоградба, следење на општествените промени и информирање за можностите.

„На почетокот можеби бев малку скептична, но сега сум презадоволна од ова искуство и работите кои ги научив за самата себеси, како и за познанствата кои ги стекнав. Особено ми остави впечаток делот од предавањата за мотивационото писмо и насоките како треба да изгледа.“

„Дефинитивно многу корисни инвестирано време и верувам дека сите учесници би се сложиле со мене. Искрено исклучително сум благодарна за можноста да присуствувам и учествувам со мојот активен удел. Многу ретка прилика на едно место, истовремено да се запознаеме со десетина други млади учесници со кои ја делиме истата моментална преокупација или потреба за вработување. Воедно подобро можевме да се информираме и да добиеме совети за мерките на Агенцијата за вработување кои ни стојат на располагање, зависно од нашите афинитети.”

„Оваа обука е секако еден голем плус за нашето ЦВ и искрено не сакам да заврши. Многу ми се допадна спојот на формалниот дел односно краткиот вовед и предавања заедно со вежбите и неформалните дискусии кои се развиваа следствено со наведувањето примери од праксата.”- беа коментарите на учесниците.

 

Учесниците кои комплетно односно петте денови присуствуваа на обуката ќе добијат сертификат, а сите кои сакаа да дознаат нешто повеќе за својата професионална ориентација направија тест за кариерно советување.

Обуката траеше пет дена ( почнувајќи од понеделник 16.03 до денеска, петок 20.03) по четири часа, а неа ја проследија десетина учесници. Инаку оваа обука се одржува еднаш месечно, а услов за учество е заинтересираните лица да бидат пријавени во Центарот за вработување –Охрид како активни баратели на работа. Главната цел на проектот „Вештини за вработување на младите во Македонија” е да ги зајакне врските помеѓу потребите на пазарот на труд и вештините стекнати низ образовниот систем, како и да го подобри квалитетот на понудата на идни работници во Македонија.

Програмата се фокусира на завршните години во средните училишта во Македонија и млади невработени луѓе.

Ивана Чичоска