Пред неколку дена профункционира  првото и единствено психо социјално советувалише во Охрид. Во советувалиштето кое е отворено и работи во рамки на просториите на охридскиот Црвен Крст, охриѓани ќе може да добијат бесплатна  стручна помош за нивните психолошки и социјални проблеми. Советувалиштето ќе го води стручен тим составен од психолог, социјален работник, дефектолог и општ лекар, од кој граѓаните ќе може да побараат совет секој работен ден  од 17.00 до 20.00 часот.


Покрај лицата со психолошки проблеми како што се депресија и социјална апатија, стручниот тим на советувалиштето ќе работи и со адолесценти, лица со болести на зависност, лица со пореметување во исхраната и слични проблеми. Исто така во советувалиштето ќе бидат третирани и семејни и брачни конфликти. Покрај овие категории за бесплатна социјална помош ќе може да се обратат и лицата со посебни потреби како и родителите чии деца имаат потреба од посебен социјален третман.

– Ние најстојувавме во рамки на нашите активности да не ги заборавиме и лицата со посебни потреби и нивните семејства, кои се дел од една специфична ранлива категорија во општеството. Покрај советите од дијагностиката ќе се даваат и насоки околу полесното надминување на нивните проблем. Исто така планираме да им посветиме поголемо внимание  на децата кои имаат проблем во учењето, изјави Ана Крстеска магистар по дефектологија, дел од стручниот тим на советувалиштето.


Во рамки на советувалиштето ќе бидат третирани и темите од сексуалното и репродуктивното здравје.

-Во делот на ова тематика ќе се работи на запознавање и едукација на граѓаните за полово преносливи болести и заштитата од нескана бременост. Планираме да спроведеме кампањи и предавања низ училиштата во Охрид во кои ќе ја вклучиме најмладата популација, односно тинејџеритe, изјави д-р Катерина Попоска, доктор во социјалното советувалиште.

Работата на психо-социјалното советувалиште ќе биде организирано во строга дискреција . Ќе биде отворен и телефонот 046/ 261-909, на кој граѓаните ќе може да ги закажат средба со стручниот тим на советувалиштето.

Е.Е.