До креаторите на клултурните политики

Не верувавме дека некогаш дека како клуб за подводни дејности кој 35 години се занимава со нуркање и заштита на Охридското Езеро ќе напишеме текст за музика и за „Охридско лето“. Веројатно за многу професионалци што се занимаваат со ова дејност ќе предизвикаме презир, меѓутоа како здружение на граѓани кое 35 години го чува и се грижи за Охридското Езеро и градот Охрид, имаме свое видување за летните културни случувања во нашиот град.

Ние немаме никаква врска со музика и со „Охридско лето“ и другите културно-забавни настани кај нас, веројатно нема врска ни Жељко Јоксимовиќ со Водици нити Жељко Јоксимовиќ со „Охридско лето“, нема врска нити Петар Грашо со Антички ама сепак се тука. „Охридско лето“ е манифестација – бренд, име – поим. Само името да го изговориш ќе престаниш да дишиш. И Антички театар е Антички театар, сред Варош спој на историја, традиција и култура.

До кога Охрид и Охридското Езеро во лето ќе бидат оаза за музичари кои веројатно и во сопствените земји не настапуваат повеќе од спортски сали, а ние ја даваме душата на Охрид, „Охридско лето“ и Антички театар. Затоа како Клуб за подводни дејности „Охрид“ од Охрид им пишуваме отворено писмо на дирекцијата на „Охридско лето“, на охридската јавност и охриѓани, најдобронамерно со целокупна почит и респект кон нашиот најпознат фестивал и градот Охрид.

Кога поминувате низ улицата „Климентов Универзитет“ или по охридски „Климентска – Месокастро“ која оди од чаршијата кон амфитеатарот, од вашата лева страна се наоѓа Охридското Езеро кое ве остава без здив и без збор. Одејќи по истата улица нагоре од десната страна се наоѓа црква, а од левата страна има мали скали кои водат по една голема стрмнина и пред вас се отвора поглед до езерото. Тука имате најубав поглед на Охридско Езеро и македонското знаме на плоштадот. Кога ќе стигнете до куќата на познатата охридска фамилија Масин од левата страна се наоѓа куѓата на еден од најдобрите светски гитаристи Дамјан Пејчиноски.

Талент докажан секаде и во цел свет, мирен, скромен, посветен на музиката и на градот Охрид и наш колега нуркач. Ако некој заслужува да биде дел од репертоарот на „Охридско лето“ е сигурно тој, посебно во оваа специфична година. Ако можел да настапува со Белоруската филхармонија, да е доцент на Музичката академија да предава, вреди да го викнете на еден разговор и да слушнете што зборува и како свири. Верувајте вреди да го викнете на еден разговор бидејќи неговиот талент е редок и треба да се негува и почитува. Ќе видите колку е скромен, колку е жртва на својата професија, колку време поминува во вежбање, компонирање, предавање музика, колку треба да направи за својот талент да го надгради и сочува.

Ако ги забележите неговите раце ќе видите дека тоа е господова работа, дарба, талент кој се раѓа еднаш на милион жители. И ако најдете било каков жичан инструмент во вашата канцаларија ќе видите и чуете што може да отсвири кога ќе се спојат таков талент и 12-часовно вежбање секој ден во годината.

Ако ги прегледате неговите настапи низ целиот свет ќе видите колку е ценет, колку е баран и колку вреднуван неговиот труд. Безвременски талент маестро за почит и респект и во музиката и во приватниот живот, а живее тука на 200 метри од дирекцијата на „Охридско лето“, на 500 метри од Антички театар, онаму каде што му е местото, каде што треба да настапува бидејки секаде е баран, секаде настапува, секаде е ценет, освен дома во Охрид.

За крај можете на нашиот сајт „divingclubohrid“ да го видете спотот за еколошката акција на Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид „За подводно чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад“, за кој музиката ја отсвири Дамјан Пејчиноски.

КЛУБ ЗА ПОДВОДНИ ДЕЈНОСТИ „ОХРИД“ – ОХРИД

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите