ОТВОРЕНО ПИСМО

До
Арбер Адеми, Министер за образование и наука
Проф. д-р Јован Стојаноски, градоначалник на Општина Охрид
Оливија Пирузева – Јанева, директор на ОУ „Христо Узунов“ – Охрид

Имајќи предвид дека основач на основното училиште е Општина Охрид, односно, според статутот на училиштето, тоа е е основано со акт на Собрание на СИЗ за основно образование Охрид број 02-360 од 28.6 1977 година, претпоставувам дека ингеренциите за работата на основното училиште потпаѓаат под Општина Охрид. Дополнително, со оглед дека, според член 168 од Законот за основно образование: „надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Министерството“, ова отворено писмо е адресирано и до Министерството за образование и наука.

Училиштето е пуштено во употреба пред 40 години, а е изградено од самопридонес на жителите на Охрид. Според она што се гледа однадвор, а и внатре, многу малку е во последно време реконструирано, односно објектите, или училишниот комплекс се истите од пред триесет или четириесет години. Според податоците достапни на интернет страницата на училиштето, последната надградба на дел од училиштето датира од 1989 година.

На почетокот сме на уште една учебна година. Доаѓаат нови генерации, првачиња, а продолжуваат со образование генерациите од второ до деветто одделение. Нова учебна година, а стари проблеми. Повикувајќи се на информации добиени од родители на ученици во ова основно училиште, а дополнително, според написи во локални медиуми, кровот на училиштето е сè уште со стари азбестни плочи. Имајќи ја предвид штетноста на азбестот, за кој е докажано дека е канцероген и дека директно влијае врз здравјето на луѓето, а може да предизвика азбестоза, рак на белите дробови и на грлото, обврска на училиштата, со помош на Општината и Министерството, би требало да биде отстранување на овие плочи и замена со друг материјал. Нејасно е зошто промената сè уште не е направена. Апелирам до директорот на училиштето, до училишниот одбор (составен од тројца претставници од наставниците, стручните соработници и воспитувачите од училиштето, тројца претставници од родителите на учениците, двајца претставници од основачот и еден претставник од Министерството), наставничкиот совет, советот на родители што побрзо да се спроведе постапката за замена на старите азбестни плочи од кровот на училиштето, со што би се отстраниле сите евентуални опасности кои ги носи овој материјал. Редно е, после триесет или четириесет години да се заменат азбестните плочи, да се инвестира во нов покрив, каков што неодамна доби и основното училиште „Григор Прличев“.

Учениците заслужуваат најдобри услови за образование. Училиштето, односно неговите раководни органи, Општината и Министерството се должни да ги обезбедат. Јавноста е тука за да укаже, да потсети, доколку е потребно подобрување на одредени работи, било во доменот на наставата или во доменот на инфраструктурата или другите услови за одвивање нормална настава.

В.Т.
Авторот познат на редакцијата